/ Прочитано:

4.901

Советување за редовните и вонредните правни лекови во кривичната постапка

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се одржа советување на тема: „Редовни и вонредни правни лекови во кривична постапка, одржување расправа пред второстепениот суд’’.На советувањето се говореше за жалбата на пресуда на првостепен суд, одржувањето расправа пред второстепен суд, жалбата на пресуда на второстепен суд и вонредни правни лекови. Предавачи на советувањето беа: Зуица Наумова и Цветанка Периќ, судии на Апелационен суд Скопје.

На советувањето беше истакнато дека Уставот на Република Македонија во член 15 го гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Ако странките сметаат дека пресудата или постапката во која е донесена е неправилна или незаконска, ќе вложат правен лек со барање од повисокиот суд да ја исправи неправилноста, односно незаконитоста пред пресудата да стане правосилна.  Постапката по правните лекови не е задолжителен стадиум, тоа зависи од диспозицијата на странките (како право, а не должност).

„Основното оправдување на правните лекови е во создавање можност да се дојде до правилна и законита одлука. Судската одлука е поубедлива во очите на јавноста доколку еден кривичноправен спор се разгледува од повеќе инстанци – потребата од воедначување на судската практика, еднообразна примена на законите и единствени сфаќања во однос на основните кривичноправни институти“, беше нагласено на советувањето.

Кривичната постапка во согласност со ЗКП, во основа, е двостепена, но во одредени случаи е тристепена, бидејќи постои и правен лек против второстепената одлука, во случаите ако второстепениот суд изрекол казна доживотен затвор или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна, второстепениот суд донел пресуда врз основа на одржана расправа и второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која обвинетиот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен.

За жалбата против второстепената пресуда, беше посочено на денешното советување,  решава судот од трет степен на седница на советот, во согласност со одредбите што важат за постапка во втор степен. Пред овој суд не може да се одржи расправа.

Во согласност со ЗКП, редовни правни лекови се жалба на пресуда на првостепен суд, жалба на пресуда на второстепен суд и жалба на решение, додека, пак, вонредни правни лекови се повторување на кривичната постапка,  барање за заштита на законитоста и  барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда.

М.В