/ Прочитано:

890

Специјализирана обука за новиот ЗКП

Понеделник, 17 јуни 2013 – Од денеска до 19 јуни 2013 година, во хотел Белви, со почеток во 10:00 часот, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОПДАТ Програмата при Амбасадата на САД, ќе се одржи четиринаесеттата специјализирана обука за новиот Закон за кривична постапка (ЗКП) која ќе се однесува на модул 2 – Истражна постапка.

Целта на работилницата е целосна подготовка на правосудството за примена на новиот ЗКП, поточно да се презентираат новите законски решенија, да се дадат практични објаснувања на позначајните законски одредби, да се истакнат спорните ситуации и да се предложат мислења за нивно решавање, како и да се унапредат практичните знаења и вештини на правосудната полиција, судиите, јавните обвинители и адвокатите за постапувањето во кривичната постапка.

На обуката ќе присуствуваат вкупно 28 учесници и ќе биде спроведена од едукаторскиот тим во чиј состав се: Мери Тромбева, обвинител во Вишо јавно обвинителство Битола, Павлина Јанкуловска, обвинител во Основното јавно обвинителство Битола, Маја Денковска, судија во Основен суд Куманово, Васко Георгиев, адвокат од Битола, Никола Тунтевски, началник во СВР Битола, Санде Китанов, началник на сектор за трговија со луѓе при одделот за организиран криминал во Министерството за внатрешни работи и проф. д-р Гордан Калајџиев, правен факултет Јустинијан Први – Скопје.