/ Прочитано:

1.275

Специјалното јавно обвинителство бара продолжување на куќниот притвор за Талески

Притворот на Талески му истекува на 20 август. Градоначалникот на Битола, како првоосомничен во предметот „Транспортер“, веќе два месеци се наоѓа во куќен притвор.

Владимир Талески

Специјалното јавно обвинителство до Кривичниот суд доставило барање за продолжување на куќниот притвор за битолскиот градоначалник Владимир Талески. Притворот на Талески му истекува на 20 август. Градоначалникот на Битола, како првоосомничен во предметот „Транспортер“, веќе два месеци се наоѓа во куќен притвор.

Вчера во Апелационот суд во Скопје се одржа јавна седница на која одбраната на Талески ги презентираше наводите во жалбата на решението на Кривичниот суд, донесено на 21 јули, за продолжување на притворот на Талески за нови 30 дена.

Адвокатот Никола Додевски во изнесувањето на наводите од жалбата истакна дека Талески неосновано повеќе од 60 дена се наоѓа во притвор. Според него, продолжувањето е незаконско бидејќи предлогот на Специјалното јавно обвинителство, кој го разгледувал Судот, воопшто не ѝ бил доставен на одбраната, со што се нарушува принципот на еднаквост на оружјата и контрадикторноста во постапката.

„Дополнително, образложенијата наведени во предлогот на Специјалното јавно обвинителство се апстрактни врз сите основи, и врз основата за бегство и врз основата за опасност од повторување на делото и врз основата за влијание врз истрагата“, рече Додевски во судницата.

Апелациониот суд треба да ја соопшти одлуката во следниве денови.Талески и уште 22 лица опфатени во предметот „Транспортер“ се осомничени за злоупотреба на 360 илјади евра при незаконско организирање на училишниот превоз во Битола.

М. С.