/ Прочитано:

1.514

СПИРОВСКИ: Претседателот е должен да го потпише Законот, кој не може да се објави и да влезе во сила без неговиот потпис

„Во Уставот постои безусловна еднозначна одредба која го задолжува претседателот на Републиката, во ситуации кога законот по втор пат е донесен со апсолутно мнозинство, со над 61 глас, да го потпише указот за негово прогласување. Таа одредба не поставува никакви основи, услови за претседателот да ги проценува. Напросто, тој е должен да го направи тоа бидејќи Законот е донесен од Собранието, а она што недостига е неговото прогласување и објавување во ‘Службен весник’, а дел од таа одговорност, според Уставот, ја има и претседателот на државата кој не сака да ја спроведе. Мислам дека никој не може да го замени потписот на претседателот на Републиката на указот. Тоа значи дека без неговиот потпис Законот не може да се објави и да влезе во сила, иако е донесен“, изјави денеска адвокатот Игор Спировски, поранешен судија на Уставниот суд , пред одржувањето на денешната завршна конференција во Скопје на тема „Каков Судски совет му е потребен на македонското општество?“.


„Деновиве гледам една идеја, покрај овие идеи дека треба импичмент за претседателот итн., што неспорно е дека е негова одговорност за неспроведување на неговата уставна должност. Меѓутоа, сега гледам дека и алтернативи доаѓаат, на пример да се поднесе иницијатива до Уставниот суд или предлог за решавање на судија на надлежност. Мислам дека таа идеја не е добра и е лоша затоа што прави замена на тези, би му дал право на Уставниот суд да се впушта евентуално во расправа за тоа дали претседателот на државата навистина има добри причини да не го потпишува указот, иако според Уставот е должен. Ние немаме во случајов судир на надлежност, Собранието како надлежно го донело Законот, претседателот на државата е надлежен за промулгација, тој тоа не го прави. Според тоа, не постои судир, туку има прашање зошто претседателот на државата не го потпишува указот. Тоа што претседателот кажува дека има свои лични причини од гледиште на Уставот е нерелевантно. Ние можеме да се согласуваме дека е тоа така, да се согласиме сите со претседателот дека е тоа така како што тој мисли, ама тој истиот е должен да го потпише указот“, истакна Спировски.

На прашање што ќе се случи ако претседателот не го потпише указот, Спировски одговара дека правно остануваат опциите за импичмент, независно од тоа дали има или нема мнозинство за тоа во Собранието.

„Беа спомнати и некои други процедури што јас нема да ги коментирам, но, во секој случај, имаме проблем – криза на спроведување на Уставот поради непостапувањето на претседателот на државата“, изјави поранешниот судија на Уставниот суд на РМ Игор Спировски.