/ Прочитано:

926

Според Уставниот суд, не е противуставно тоа што податоците за посвојување деца се службена тајна

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 123-а од Законот за семејство.

„Податоците за заснованите посвојувања се службена тајна“, се пропишува во оспорениот член.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот се ограничувало правото на посвоените деца да добијат какви било информации за своето потекло бидејќи податоците за посвојување се тајна. Со ваквото законско ограничување на правата на посвоените деца да добијат информации за своето потекло се повредувале повеќе одредби од Уставот. Исто така, се повредувале и одредби од Конвенцијата за правата на детето.

Со членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, се наведува во иницијативата, се предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписките. Според овластувањата дадени во овој член, за заштита на човековите права на детето, тоа има право да воспостави правен однос со неговиот природен татко/мајка бидејќи во спротивно тоа би значело мешање во неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот.

Според членот 14 од оваа конвенција, уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбедат без никаква дискриминација заснована на пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

„Ограничувањето на правото да се добијат податоците за посвојувањето и за биолошкото потекло на посвоените деца нема никаква легитимна цел и оправданост“, се нагласува во иницијативата.

Неспорно е, велат од Уставниот суд, дека материјата на посвојувањето има комплексни односи со меѓусебно поврзани семејни, родителски, биолошки и правни елементи и имотно-правни импликации од овие односи, што како целина секако задира во правата и интересите на субјектите кои се поврзани со односите од посвојувањето, непосредно но и пошироко од социолошко-правен аспект, при што не може на кој било од овие елементи поединечно и изолирано да се гледа, туку само во нивна целосна опсервација.

„Со оглед на тоа што односите коишто настануваат во посвојувањето и од посвојувањето се повеќеслојни како за учесниците така и за детето, но и пошироко гледано во едно општество, и кои односи се предмет на комплексно законско регулирање, при што не случајно посвојувањето е посебна глава во Законот наспроти главата на односи меѓу родители и деца, произлегува дека не може на законската квалификација за податоците на посвојување дека се службена тајна и со тоа се институционално ограничени за нивна општа достапност и употреба за разни цели, да се гледа како на ограничување на правото на приватност на детето, кое со тоа било ограничено да ги знае податоците од евиденцијата за посвојување. Овие податоци имаат повеќе насоки поврзани со биолошкото потекло на детето кое е посвоено, кое од една страна ги содржи податоците на посвоителите а од друга страна се податоците, кои не секогаш се познати и за биолошките родители на детето, како и други матични податоци од евиденцијата. Квалификацијата за утврдување во Законот дека податоците од посвојувањето се службена тајна, ја изразува интенцијата на законодавецот да не дозволи институциите коишто ги поседуваат истите, да ги издаваат слободно, надвор од конкретни судски одлуки за отстранување на квалификацијата за службена тајна, заради заштита на права на детето кое е посвоено, за конкретни случаи и околности како целисходни и потребни.

Оттука квалификацијата на податоците како службена тајна има свој правен легитимитет и треба да се опсервира како ограничување на општата достапност на податоците и законска дисциплина во институционалното, стручно и професионално работење со податоците од посвојувањето, што е во интерес на заштита на односите коишто се остваруваат со посвојувањето и најдобриот интерес на детето кое е посвоено.

Вистината за биолошкото потекло на посвоеното дете дека не е од посвоителите, е прашање кое од посвоителите е можно да му се соопшти на посвоеникот, но кое е неговото биолошко потекло не е во секој случај и познато што може да има негативни психолошки аспекти за посвоеникот, па оттука законодавецот со оспорената одредба од Законот не дозволил слободна, нелимитирана достапност на податоците за заснованите посвојувања и ги определил како службена тајна“, се наведува во решението на Судот.

„Со оглед на тоа и определбата со оспорениот член 123-а од овој закон, дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна, не може уставно-правно да се проблематизира со наводите во иницијативата, ниту од аспект на наведените одредби од Уставот, ниту од аспект на одредбите од меѓународните Конвенции“, додаваат од Судот.

Уставниот суд укина одредби од Законот за семејството во врска со тужбата за оспорување татковство и мајчинство

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за семејството во врска со тужбата за оспорување татковство и мајчинство

ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА ТРЕБА ДА ИМААТ ПРАВО ДА ГО ДОЗНААТ ИДЕНТИТЕТОТ НА БИОЛОШКИТЕ РОДИТЕЛИ: Се иницираат измени на Законот за семејство

ПРАВОТО НА ДЕТЕТО ДА ГО ЗНАЕ ГЕНЕТСКОТО ПОТЕКЛО – доц. д-р Елена Игновска

Родителските права при добивање дете од сурогат-мајка во Европа

М.В