/ Прочитано:

1.245

Споредено со 32 земји во Европа, Македонија е меѓу последните 5 земји според безбедноста на сообраќајот

Денеска во  организација на Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и Светската банка се одржа меѓународната конференција на тема „Безбедност на патиштата“.

Во своето обраќање министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, потенцираше дека безбедноста е комплексен проблем што бара мултисекторски пристап и дека е неопходно да се постават механизми за ефикасно и ефективно управување, координација и одржливо финансирање на системот на безбедност.

„Многу е важно да се мобилизираат и да се подготват сите клучни институции и секоја од нив да преземе соодветни активности во својот делокруг на работа.

Доколку ги земеме предвид показателите дека во земјите од ЕУ има во просек 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија има 7,1 жртви во сообраќајот на 100.000 жители, неопходно беше да се преземат конкретни чекори.

Според анализите, споредено со 32 земји во Европа, Македонија е меѓу последните 5 земји според безбедноста на сообраќајот. Тоа, рече Сугарески, беше аларм сериозно да се зафатиме со оваа проблематика и во следниот период да најдеме конкретни решенија со кои ќе ги подобриме условите на патиштата и со кои ќе ја зголемиме безбедноста.

„Во така насока се јави потребата да се формира една водечка институција, односно извршно тело кое ќе има крајна одговорност и задача за подобрување на безбедноста и за намалување на бројот на жртви на патиштата во Република Македонија“ – изјави министерот Сугарески.

Тој пред присутните истакна дека веќе е формирана работна група, која до крајот на 2018 година ќе даде конкретен предлог за формирање на агенција за управување со безбедноста на сообраќајот.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, истакна дека Министерството за внатрешни работи презема безбедносни мерки и во координација со другите институции работи на зголемување на безбедноста во сообраќајот.

„Безбедноста во сообраќајот одамна веќе не можеме да ја третираме само како прашање на почитување на законската регулатива од таа област, или пак само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура, туку пред сè како приоритетна проблематика, која е поширока по обем, од неспорен јавен, односно општествен интерес. Предизвикот е јасен: ние не смееме да дозволиме сообраќајот од нужна потреба да прерасне во нужно зло на современото живеење, своевидна лотарија во која на коцка ќе биде ставен макар еден човечки живот, а, за жал, токму бројките неумоливо сугерираат на загрижувачките состојби во оваа сфера“, истакна заменик-министерот.

М.В