/Прочитано:

798

„Спортот треба да им се остави на спортистите“: Големи очекувања од заострувањето на казните за насилство и корупција во спортот

Спроти контроверзните струења што го зафатија спортскиот свет во врска со зачестено насилство на терените, како и со лажирање и „местење“ натпревари, Владата на Република Македонија најави два сета законски иновации во Кривичниот законик, намерувајќи на спречување и казнување деликвенти појави на спортските терени, како и санкционирање крупни коруптивни механизми. Златко Андоновски, портпарол на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ја поздравува најавата за измени и дополнување на Кривичниот законик, тврдејќи дека построги казни вистински ќе доведат до подигање на свеста на публиката.

Најавените измени и дополнувања на Кривичниот законик предвидуваат заострување на веќе пропишаните казни, како и нивно дополнување за доследна превенција на насилството застапено на домашните спортски терени и на можните злоупотреби на натпреварите. Од владата, каде веќе се усвоени предлозите, истакнуваат дека спортот треба да им биде оставен на спортистите.

Првиот сет законски измени се однесува на спречување на насилството на спортските терени. Постојното кривично дело „насилство“ треба да биде надополнето со казна-затвор од шест месеци до пет години за оној што малтретира, навредува, ја загрозува сигурноста или врши грубо насилство врз друго лице пред, за време и по завршувањето на одреден спортски натпревар. Ако на насилството му уследи тешка телесна повреда или смрт на извесно лице, или, пак, тепачка, нереди и оштетување на имот од поголема вредност, се предлага казна-затвор во траење од три до десет години, односно од една до пет години.

Паралелно со овие измени се предвидува и дополнување казнени одредби за организаторите на навивачките групи, како и за организаторите на натпреварите кои, според предлагачот, ретко ги спречуваат насилничките ексцеси, иако тоа е нивна должност. Така, отсега се пропишува кривична одговорност и за организаторот на групата што го извршила насилството и за организаторот на спортскиот натпревар, кој не презел мерки за негово спречување; предвидената казна-затвор во овој дел може да изнесува од три до десет години.

Златко Андоновски, портпарол на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ја поздравува најавата за измени и дополнување на Кривичниот законик.

„Ме радува што потребата од внесување измени во Кривичниот законик е препознаена во вистинско време. Федерацијата остро се спротивставуваше на сите случаи на насилство на фудбалските натпревари, но и на навреди од трибините, како оние што неодамна им беа упатени на македонските репрезентативци со албанска етничка припадност, Агим Ибраими и Мухамед Демири. Оттаму, уште толку поголема беше заложбата на ФФМ за што поскорашно донесување измени во Законикот, со цел да се превенира и санкционира насилството на спортските терени. Всушност, можам слободно да речам, овие измени се делумно произлезени токму од настојувањето на ФФМ во овој дел и се надевам дека нивната доследна примена ќе ги стивне страстите на сите страни“, истакнува Андоновски.

Зголемување на казните и за коруптивните дејства во спортот

Поучени од последните скандалозни збиднувања произлезени од лажирање и „местење“ спортски натпревари, а со цел отстранување какви било штетни, коруптивни влијанија и избегнување заблуда кај граѓанството, од владата се предложени измени и дополнувања на членовите во Кривичниот законик, кои се однесуваат на делото „измама“, како и на „неовластено примање или давање подароци“.

Имено, во кривичното дело „измама“ се додава нов став кој пропишува дека со казна затвор од една до десет години ќе се казни тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе доведе друг во заблуда или ќе го држи во заблуда со лажно прикажување или прикривање факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортска игра, и со тоа го наведе да стори или не стори нешто на сметка на својот или туѓ имот.

Во делот на лажирање спортски натпревари се и дополнувањата на кривичните дела кои се однесуваат на пасивниот и активниот поткуп. Така, во кривичното дело „неовластено примање подароци“ е пропишано дека организатор или учесник во спортски натпревар, кој директно или индиректно ќе побара или ќе се согласи да прими за себе или за друг подарок или друга корист, односно ветување или понуда за таква корист, со намера да ги запостави интересите на правното или физичкото лице што го организира натпреварот за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, ќе се казни со затвор од една до пет години. Истата казнена одредба се воведува и во обратниот случај, односно во делот на „неовластено давање подарок“. Додатно, новина во овој закон е и санкционирањето на посредниците во давањето и примањето на подарокот кои во практика најчесто ги вршат овие кривични дела, а одговорност ќе се бара и од правните лица кои го сториле ова кривично дело. Ефектот од најавените институционални иновации треба допрва да подлежи на испитувања во стручната јавност. Нивниот одек останува под знак прашалник, а навиките на навивачите — проблем на културата.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 15.02.2012