/Прочитано:

1.441

Спроти почетокот на новата академска година: корупцијата станува хронична болка на домашното високо образование

Измама, принуда, изнудување, фаворизација, непотизам, поткуп — непрегледно многустран и крајно неисцрпен е феноменот на корупцијата. Според неодамнешно истражување на домашен терен, граѓанската перцепција на корупцијата во Македонија, со своите 55,1 отсто, е далеку над европскиот просек, кој изнесува 45 отсто. Уште повисок е степенот на перцепција на коруптивните потфати во домашниот образовен систем: неверојатни 56,2 отсто од граѓаните во земјата сметаат дека корупцијата е широко распространета во оваа област, особено во форма на непотизам и поткуп. Дона Костуранова, претседателка на невладиниот Младински образовен форум, тврди дека последиците од корупцијата имаат далекосежен одек и долгорочно ги нарушуваат функциите, пред сѐ, на високообразовниот систем.

Нема големи разлики во мислењето на различните етнички групи во однос на општата перцепција на корупцијата во Република Македонија: нејзината присутност е широко распространета. Овој наод го утврдува истражување спроведено во 2012 година од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со ОБСЕ и со Транспаренси Интернешнал Македонија. Со утврдените 55,1 отсто, граѓанската перцепција на корупцијата во Македонија е далеку над европскиот просек, кој изнесува 45 отсто. Кога станува збор за високото образование, 56,2 отсто од испитаниците во земјата сметаат дека корупцијата е длабоко навлезена во оваа сфера. Трите нејзини аспекти за кои постои најсилно убедување дека се предмет на корупција се: вработувањето на универзитетите (55,1%), полагањето испити (45,1%), добивањето легло во студентските домови (42,2%).

Споменатите проблеми се од поодамна и на истражувачката агенда на Младинскиот образовен форум, невладина организација, чија мисија е позиционирање на младите како релевантен општествен фактор на унапредување на внатрешната и на надворешната интеграција на Република Македонија. Во пресек на општата слика на корупцијата во образованието, претседателката на здружението, Дона Костуранова, тврди дека последиците од коруптивните потези имаат далекосежен одек и долгорочно ги нарушуваат функциите, пред сè, на високообразовниот систем.

„Корупцијата во високото образование може да ги намали расположивите ресурси или да ја загрози нивната транспарентна и соодветна распределба, како и услугите што ги добиваат судентите. Таа ги искривува вредностите во еден образовен систем и може да води кон тоа цели генерации да ја прифатат како нормална појава, да ја толерираат, па дури и да ја сметаат за составен дел од образованието. Се создаваат и впечатоци за полесно оправдување на коруптивно однесување, дека некои форми на корупција не се толку спорни како други, со што на препишувањето или плагијатот се гледа како на далеку побенигни од на пример поткупот, иако истите му штетат на системот. На тој начин, меритократијата, еднаквоста, вреднувањето на работата и постигнувањата на студентот според заслугите и успехот стануваат нереални, а студентскиот оптимизам и довербата во системот се намалуваат. Не помалку важно, со неа се доведува во прашање кариерниот развој на младите, ограничувајќи ги можностите со за личен напредок. Најпосле, корупцијата влијае на намалување на вредноста на универзитетската диплома добиена во систем, каде конкуренцијата е нереална, а стекнатите знаења и вештини спорни“, истакнува Костуранова.

Врските и натаму наголемо „даваат“ повисоки оценки

Во студија со регионален карактер спроведена минатата година, организацијата дошла до наодот дека секој втор студент во Скопје, вклучувајќи ги и оние од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го смета непотизмот на својот факултет за значително (29,2%) или за многу застапен (22%). На споредбена линија со универзитетите од останатите земји вклучени во истражувањето, Белград и Загреб бележат просек од 33 отсто. Во контекст на проблематиката, исто така, во Скопје можат да се забележат најголем број испитаници, кои имале директно искуство со непотизам — најмалку 22 отсто од нив. Најзастапен е образецот кога студент користи познанства за положување испит или добивање повисока оценка: искуството со него достигнува дури 29,7 отсто од домашните испитаници.

Понатаму, во земјите вклучени во истражувањето постои низок праг на толеранција на непотизмот, со исклучок на Молдавија. Студентите од Загреб имаат водство во однос на ова прашање, при што нивната толеранција на непотизам е под 3 отсто. Интересно е што студентите од Скопје и од Молдавија се „посолидарни” кон своите колеги: повеќе толерираат корупција иницирана од студент отколку од професор. Студентите на сите универзитети претпочитаат да не пријават колега што се запишал на факултет врз основа на познанства, иако прагот на толеранција во врска со претходното прашање е релативно низок. Додека 11,2 отсто од испитаниците во Скопје се изјасниле дека ја толерираат оваа појава, дури 69,9 отсто не би пријавиле доколку наидат на неа, што е и највисок процент споредено со другите академски заедници од регионот.

Студентите почести иницијатори на поткуп?

Според студентите во Скопје, Белград, Пловдив и во Молдавија, распространетоста на поткупот изнесува околу 20 отсто — износ добиен преку комбинирање на одговорите за значајна и многу голема распространетост. Перцепцијата на студентите од Загреб пренесува значително помала застапеност на поткупот во образованието: само 6 отсто одговориле дека застапеноста е значајна или многу голема. Четири од секои десет студенти на УКИМ одговориле дека имаат лично искуство со поткуп каде од нив се барало да купат книга за да добијат повисока оценка. Според перцепцијата на студентите, плаќањето за да се положи извесен испит, без оглед на тоа кој е иницијатор на корупцијата, е значително поретко. Во Скопје, како иницијатор на оваа форма на поткуп почесто се посочуваат студентите.

Студентите од сите истражувани академски средини, како најсоодветна санкција за своите колеги кои нудат поткуп, го посочуваат неодложното испишување на студент од страна на универзитетот. Над 28 отсто од студентите го дале овој одговор во речиси сите држави. Кај студентите од Скопје овој процент е 36,8 отсто. Втората најпосакувана санкција е повторувањето на учебната година (23,5%), по што следи кривичното гонење (22,1%). За кривично гонење како казна за професорот, којшто бара поткуп, 45,7 отсто од студентите во Скопје се одлучиле за кривично гонење, а 36,4% за прекин на работниот однос. Санкциите за професорите се за нијанса построги за разлика од санкциите за студентите. Најстрогите санкции се однесуваат токму на студентите и на професорите инволвирани во поткуп. Доволно оружје за борба, малку волја за акција

Истражувачите што се занимаваат со проблемот на корупцијата зборуваат за  повеќе видови методи и механизми со кои може да се намали и, во идеално сценарио, да се спречи коруптивната општествена практика. Овие механизми се применливи и на полето на образованието: воведување и неодложна применување строги законски мерки; мерки на реорганизирање и реструктурирање; промовирање на транспарентноста и на интегритетот во работната практика; изнаоѓање нови начини на управување со јавните финансии; вмрежување и соработка меѓу надлежните органи на државно, на регионално и на светско ниво; зголемување на јавното информирање, како и што поголема вклученост на граѓанското општество.

Последниот механизам за борба против корупцијата, инволвирањето на граѓанското општество, е јасно потцртан и во членот 13 од Конвенцијата на ООН против корупцијата. Според документот, учеството на граѓанскиот сектор најмногу може да се зајакне преку запознавање на јавноста со процесите на носење одлуки, преку обезбедување непречен пристап на јавноста до сите релевантни информации, преку спроведување образовни активности и јавни предавања за намалување на толерантноста кон корупцијата, преку почитување и штитење на слободата да се бараат, добиваат, објавуваат и да се проследуваат информации во врска со сите застапени видови коруптивна практика. Нивниот сплет може извонредно да ја измени уочената состојба, но кога ќе надвладее над постојниот страв кај студентското тело останува предмет на идни темелни опсервации.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 21.08.2013