/ Прочитано:

879

АНАЛИЗА — Збор сред изборен молк: Нерегуларностите во изборниот процес неминовно се исправаат со меѓупартиски договор

Изборниот молк спроти изборите на градоначалници и на советници во локалната самоуправа, настапува вечер, точно на полноќ. Распишани сред нејасно артикулиран тек на политичките струи во време на политичка криза, овогодишните локални избори ќе бидат исклучително важен фактор во изготвувањето на Специјалниот извештај на Европската комисија за Република Македонија, којшто ќе биде објавен на 16 април. Наталија Пешиќ, истражувач во „Вистиномер“, платформа за проценување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓанството, тврди дека за проблемите во врска со изборните нерегуларности најефикасно се решава кога политичките партии седнуваат на заедничка маса. Во меѓувреме, следењето на овогодишната предизборна кампања од страна на ОБСЕ и ОДИХР, како и на Граѓанската асоцијација „Мост“ и на Центарот за слобода „Цивил“, забележа цела низа прекршоци.

Мисијата за набљудување на изборите (ОДИХР) при Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ наведува дека како резултат на неодамнешната политичка криза, изборите добиле пошироко политичко значење, со наклонетост да се врзат за национални, а не за локални прашања. Во нивниот извештај се подвлекува оти иако законот забранува каков било вид кампања пред официјалниот датум за нејзино почнување, ОБСЕ и ОДИХР забележаа неколку настани уште на 2 март, и тоа во Кичево (на Демократската унија за интеграција, ДУИ) и во Штип (на ВМРО-ДПМНЕ), кои опфатија јавни презентации на изборните програми на кандидатите. Покрај тоа, поради бојкотот и продолжениот рок за пријава, партиите во склоп на опозицискиот „Сојуз за иднината“ ја стартуваа својата кампања уште пред да се потврдат нивните кандидати и листи од страна на изборната администрација.

Во еднаква мера, тензиите произлезени од двомесечната политичка криза го изострија тонот на изборната кампања, потцртуваат ОБСЕ и ОДИХР. Сепак, досегашната кампања ја оценуваат како умерено присутна низ целата земја, со собири и со состаноци одржани во некои од главните населени центри. Билборди и плакати се поставени низ целата земја и речиси сите политички партии и некои независни кандидати ги користат социјалните мрежи и своите интернет страници за да допрат до избирачите. Неколку политички партии изразија загриженост за потенцијалната злоупотреба на административните ресурси и за заплашување на гласачите, особено на вработените во јавниот сектор. Конечно, ОБСЕ и ОДИХР посочуваат дека мнозинство од кандидатите спроведуваат кампања претежно во една етничка заедница, додека бројот на кандидати кои се обраќаат на мултиетнички електорат е занемарлив.

Изборните прекршоци, јавни или затскриени, во огромен број

„Цивил“, невладина организација за човекови права и за развој на граѓанското општество, во својот првичен изборен извештај сведочи, како што се наведува, за огромен број прекршувања на правилата и на законите. Во согласност со тековниот проект „Слободни и ненасилни избори 2013“, претседателот на организацијата, Џабир Дерала, извести дека како што наближува денот на гласањето, така зачестуваат ветувањата за вработување во локални или во државни институции низ државата. Застапено е и уценување со социјалната помош, односно укинување или доделување социјална помош на сиромашните граѓани во замена за глас. Студентските стипендии, коишто доцнеа подолго време, се исплатија во текот на предизборието, со што индиректно се врши притисок врз стипендистите да заземат позиција на активни агитатори. Незабележана не останала ниту практиката на поткупување, која вклучува: плаќање сметки, давање пари за гласови и за присуство на митинзи, разделување пакети со храна итн.

Додатно на претходните форми на притисок врз граѓаните, во повеќе општини, но и во државните институции, „Цивил“ забележала отпуштања и закани за отпуштања од работа. Како начин на посредно „купување гласови“ Дерала го додава и вработувањето со договор за дело во фирми-изведувачи на проект во одредена општина. Освен тоа, Аадминистрацијата низ целата држава, наместо на работното место, е активирана во изборните штабови, агитирајќи на теренот меѓу граѓаните. Тешко прекршување е и злоупотребата на децата и на малолетниците присутни во штабовите, забележани при лепење плакати, вклучени во интернет активизам. Во врска со последново, Дерала нагласува оти токму овие деца и млади се главни извори за промовирање на говорот на омраза во социјалните мрежи.

Нестабилен „мостот“ помеѓу централното и локалното рамниште на спроведување на изборите

Граѓанската асоцијација „Мост“, меѓу другото, укажа на несоодветната одредба пропишана во Членот 27 од Законот за лустрација. Според нив, нереален е рокот во кој Комисијата за верификација на факти требаше да изврши проверка на кандидатите, односно во рок од 24 часа од приемот на листите од страна на ОИК. Комисијата не ги обработила сите кандидати во законскиот рок: таа постапка завршила на 23 февруари, откако кандидатските листи веќе биле потврдени од страна на ОИК. До денес, Комисијата за верификација на факти утврдила дека тројца кандидати не ги исполнуваат условите да ја вршат функцијата советник и доколку тие бидат избрани ќе бидат заменети со наредниот кандидат на советничката листа. Оттаму, асоцијацијата „Мост“ упати и свое прашање: што би се случило доколку не се работи за кандидати за советници, туку за кандидат за градоначалник?

Сродно со тоа, во досегашниот тек на работата на ОИК е забележано дека извесен број од нив немаат соодветни просторни услови за нормално функционирање: изборната комисија на град Скопје не му дозволила на набљудувачот на „Мост“ да ги следи седниците поради немање просторни услови, што за нив е апсолутно неприфатливо. Исто така, одредени ОИК се соочуваат со финансиски проблеми, па така „Мост“напомнува дека и покрај тоа што за законитоста на работата на ОИК е надлежна ДИК, општините се единствено одговорни за обезбедување на просторни услови на ОИК, а при локални избори и за финансирање на ОИК. Додатно наведуваат оти јавноста треба да знае дека од овие средства ќе се подмират сите трошоци поврзани со спроведувањето на изборниот процес, освен трошоците за изборниот материјал. Ова во голема мера влијае на нивната работа и може да предизвика сериозни проблеми во спроведувањето на изборниот процес.

Во врска, пак, со работата на медиумите во текот на предизборието, ОБСЕ и ОДИХР известуваат оти телевизијата останува клучен медиум и како главен извор на политички информации, иако во последните години се зголемува и улогата на интернетот и на социјалните мрежи. Центарот за слобода „Цивил“, преку својот тим за медиумски мониторинг, наведувајќи дека јавните гласила имаат посебна одговорност за обезбедување правично, балансирано и сеопфатно покривање на предизборните збиднувања, изразува жалење што во изминатиот период, спротивно на сите професионални и етички кодекси, сериозно се прекршувале законската рамка и професионалните стандарди на известување. Според нив, политичкото говорништво во многу делови било обележано со говор на омраза, со пристрасност и сатанизација на партиско-политичките противници, со етноцентричност , со национал-шовинизам, и со дискриминација како во однос на идеолошко-партиски, така и во врска со меѓуетнички прашања.

Mеѓупартискиот договор не е панацеа, но има докажано делотворно дејство за фер и демократски избори

Распишани сред нејасно артикулиран тек на политичките струи во време на политичка криза, овогодишните локални избори ќе бидат исклучително важен фактор во изготвувањето на Специјалниот извештај на Европската комисија за Република Македонија, којшто ќе биде објавен на 16 април. Фрлајќи поглед врз моментното спроведување на предизборните кампањи во практиката, како и врз тековниот изборен процес, Наталија Пешиќ, истражувач во „Вистиномер“, платформа за проценување на отчетноста и одговорноста на партиите пред граѓанството, тврди дека проблемите произлезени од изборните нерегуларности најефикасно се решаваат кога политичките партии седнуваат на заедничка маса.

„Иако нивниот број може да биде поголем или помал, Од избори на избори се соочуваме со идентични прекршоци. Изборната постапка, бездруго, најмногу зависи од волјата што политичките парти ја покажуваат едни спроти други, но и спроти граѓаните. Во таа смисла, институциите покажуваат интерес за доследно спроведување на изборите и, уште поважно, најмногу се придржуваат на препораките на надворешниот фактор кога за тоа е донесена одлука врз основа на меѓупартиски договор. Сведоци на таков случај бевме во изборниот циклус во 2009 година, кога меѓународниот фактор, впрочем како и денес, во многу наврати ја истакнуваше неопходноста од одржување фер и демократски избори како елемент за демократскиот развој и за европската перспектива на Македонија“, истакнува Пешиќ.

Како што е утврдено во Член 178 од Изборниот законик: за спречување на изборите и гласањето; за повреда и злоупотреба на избирачкото право; за повреда на слободата на определувањето на избирачите; за поткуп при изборите и гласањето; за уништување на изборните исправи и за извршена изборна измама, секој сторител ќе се казни според одредбите на Кривичниот законик во итна судска постапка. Државната изборна комисија, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. Како што е наведено во Член 135 од Изборниот законик, Државната изборна комисија, конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 22.03.2013