/ Прочитано:

1.249

СПРОТИВСТАВЕНИ АРГУМЕНТИ: за или против хемиска кастрација на лицата осудени за педофилија

Медицинскиот третман на лица осудени за педофилија е прашање кое првпат се отвора на официјално ниво во Република Македонија. Оваа новина во кривичното законодавство е инкорпорирана во новите предлог измени на Кривичниот законик. Како мошне сензитивно прашање кое иницира многу дилеми за оправданоста, начинот и целите на третманот познат како хемиската кастрација, оваа тема е сфера на јавниот интерес и на соочување на аргументациите за или против хемиска кастрација низ една поширока јавна расправа. 

„Големи рефoрмски зафати и заокружување на правната рамка за осовременување на кривичното законодавство во кои беа вклучени повеќе државни сегменти од здравството, животната средина, економијата, миснистерството за внатрешни работи, судството, обвинителството, академската јавност и други“,  вака беа најавени најновите измени на Кривичниот законик од страна на министерот за правда Блерим Беџети на јавната расправа која денеска се одржа по повод реформите во кривичното законодавство.

Тој ги посочи суштинските аспекти на измената на законодавтвото преку заострување на казнената политика и редефинирање на општите одредби поврзани со животот и телото, здравјето, говорот на омраза и животната средина.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го образложи предлогот на ресорното министерството за воведување на медицински третман, популарно наречена „хемиска кастрација“ односно антитестостеронска терапија за лицата осудени за обљуба на малолетници. Според министерот, резултатите од нивната анализа покажале дека досегашната казнена политика во врска со тие кривични дела мора да се заостри и да се имплементираат нови модалитети за ефикасно дефинирање на ова прашање. Шест години затвор била просечната казна која ја изрекле македонските судии за извршителите на кривичните дела кои го нормираат сексуалното злоставувале на деца. Тој ги посочи искуствата и компарациите со европски и држави во светот во кои е воведена методологија на медикаментна терапија за лицата осудени за обљуба на малолетници.

Членот на работната група во рамки на Министерството за правда, академикот Владо Камбовски, како директно вклучен во рефромските процеси ги објасни сите структурни, номотехнички и апликативни измени на актуелниот Кривичен законик. Академикот истакна дека секое реформирање на законодавството треба да биде фокусирано кон суштински промени и да се врши кога е најпотребно, а не тоа да се претвори во пракса затоа што така се руши конзистентноста на правниот систем.

„Не е добро земањето на замав на инкриминации, потребни се само суштински промени. Треба да се внимава на политиката – инкриминирање на кривичните одредби во други посебни закони, наместо во општиот, бидејќи не само што се внесува замена, туку и некозистентност и колизија“, потенцираше Камбовски. Понатаму, тој се осврна на работата на работната група и ги анализираше конкретните измени на Законикот. Во таа смисла ги посочи воведувањето на казната забрана за посетување на спортски натпревари, медицинскиот третман за сторители на полово насилство врз деца, одредбите поврзани со говорот на омраза и кривичните дела против здравјето на луѓето и животната средина.

Во врска со медицинскиот третман на лицата осудени за педофилија односно полово насилство врз деца, како централна тема на јавната расправа, тој истакна:

„ Со измените затворската казна од 15 се подига на 20 години за полов напад врз дете, а за делата за кои е предвидена и казна доживотен затвор може да се изрече долготраен затвор од 40 години. Но, според мое мислење што се однесува до медицинската  мерка, таа не би требало да биде пропишана како казна. Таа треба да биде временски лимитирана – подолго или пократко. Ако предвидувате мерка казна како медицинска мерка тоа е телесна мерка, а тоа ќе значи дека сме внесле нешто што не е на линија на меѓународните конвенции. Затоа потребно е формулирање и примена на овие предлози како Мерки на безбедност. Тоа е една болна состојба која треба да се неутрализира. И за тоа треба да постои согласност од осуденото лице, да биде договорна, а не принудна. Ваквото решение треба уште да се доработи и прилагоди за да не биде во колизија со други правни акти и конвенции”.

Државниот обвинител Марко Зврлевски искажа мислење дека медицинскиот третман е престрога мерка. Според него тоа ќе значи дека се воведува принцип на телесна казна што значи дека се отвора прашањето за таква ретрибуција и во однос на други кривични дела.

„Мислам дека е престрого и не би сакал да бидеме од овој дел на Европа што ќе го воведе ова“, потенцираше тој.

Со стојалиштето на државниот обвинител не се согласи Драги Змијанац, директор на Првата детска амбасада Меѓаши.

„Јас лично не ја доживувам медицинската терапија како казнување. Мора да се прави разлика помеѓу физичко казнување и психичко растројство. Ние дури се залагаме за секое повторување на кривичното дело да има доживотен затвор. Тоа е воспоставување контрола на умот. Мојот етички кодекс не коинцидира од тие гледишта со таков правен кодекс, затоа што верувам во правда”, реагираше тој.

За психолошките аспекти на медицинскиот третман на лицата осудени за педофилија свое видување даде Антони Новотни, невропсихијатар од Клиниката за психијатрија. Според него, идејата е добра, но мерката треба да биде регулирана во контекст на медицинското лекување, а не во смисла на формулирана казна, но мора да се направи евалуација и класификација на лица со нарушена структура на личноста и оние кои имаат такви нагони.

„Ние мора да испратиме и тимови во земјите каде се применува оваа терапија, кои дополнително ќе се остручат. Со тоа и третманот ќе биде поефикасен“, истакна тој.

Новотни потврди дека медицинската емпирија и компарација покажува дека овој тип на третман дава резултати и статистичките прикази посочуваат дека степенот на рецидивност се намалува. Но, за тоа, како што рече, потребно е доследно регулирање на оваа мерка.

Останува впечатокот дека за регулирање на медицинската терапија, позната и како хемиска кастрација потребни се преформулирања одредени правни и номотехнички аспекти кои ќе бидат дел од една поширока јавна дебата. Повеќето од упатените учесници на јавната расправа идејата ја оценија како добра во основа, но проблематична во дефинирањето и апликативноста во практиката. Дали казна или медицинска мерка, колку временски ќе трае, дали ќе биде договорна или присилна и дали ќе биде супститут за затворот се едни од дилемите за воведување на хемиската кастрација (антитестостеронската терапија) како дел од домицилниот правен систем и кривичното законодавство.

Република Македонија, како интерно така и регионално, за првпат на официјално и институционално ниво го отвора прашањето за хемиската кастрација односно медицинскиот третман со антитестостеронска терапија на лицата осудени за педофилија. Инаку, оваа мерка ја имаат прифатено повеќе држави во светот, некаде со слична, а некаде со различна методологија на примена. Данска, Чешка, Франција, Полска, Естонија, Јужна Кореја, Аргентина, Русија, Калифорнија, Велика Британија, Израел, Германија, се дел од земјите во кои хемиската кастрација на лица осудени за полово насилство врз деца е дел од кривичноправната легислатива.


Автор: Милчо Велјаноски  Објавено: 01.11.2013