Уапсен српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини, поранешен сопственик на „Јака 80“ од Радовиш и „Македонска Банка“
Среда, 7 ноември 2012 – Српската полиција утрово го уапсила Јовица Стефановиќ – Нини, еден од најмоќните бизнисмени во Србија и поранешен сопственик на „Јака 80“ од Радовиш и „Македонска Банка“. Управата за криминалистички дејности на Србија го сомничи популарниот газда Нини за спорно преземање на државната компанија „Југоремедија“, со што наводно ја оштетил државата за околу 7,5 милиони евра, објавуваат српските медиуми.
Заедно со Стефановиќ, уапсени се и Златко Марковиќ, поранешен директор во „Југоремедија“ и Олга Антиќ, директорката на претпријатието „Нини“, кое е во сопственост на Стефановиќ.
Како што јавува РТС, претпријатијата на Стефановиќ, „Нини“ и „Јака 80“ набавувале за „Југоремедија“ суровини за производство на лекови. Методот на злоупотребата бил базиран на значително зголемуваниот износ на фактурите. Фирмите на Стефановиќ набавувале суровини директно од Италија, Германија и Швајцарија кои потоа со зголемени цени и биле продавани на „Југоремедија“.
Стефановиќ, како сопственик на „Јака 80“ преку фирмата МД „Нини“ во Ниш во 2002 година на јавна аукција од Агенцијата за приватизација купил 42 отсто од акциите на „Југоремедија“.
Наредната година „Јака 80“ наместо да изврши докапитализација на „Југоремедија“, се врши конверзија на долгот во акции. Тие побарувања се создадени врз основа на набавките на суровини за лекови кои „Југоремедија” ги набавувала од „Јака 80“. На тој начин Стефановиќ станал мнозински сопственик на фабриката за лекови.
Јовица Стефановиќ – Нини е познат и по аферата за приватизација на „Срболек“ во 2005 година каде беше осомничен дека ја оштетил компанијата за над 5 милиони евра, за што во 2010 година беше уапсен и набрзо ослободен.
Српскиот заменик-премиер, Александар Вучиќ најави дека во периодот што следува ќе има разоткривање на уште потешки корупциски афери од „Југоремедија“.