/ Прочитано:

1.136

Средба Димитров-Коѕијас: Македонија и Грција ќе продолжат да ја градат меѓусебната доверба

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, денеска во Скопје остварија билатерална средба на која, како што информираа двајцата по работниот состанок, разговарале за тоа како ќе се одвива процесот, односно методите за надминување на разликите околу името. Покрај тоа, двајцата министри разговарале и за заедничките интереси, но и за грижите и на Македонија и на Грција во однос на прашањето за името.

Шефовите на дипломатиите на Република Македонија и Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Скопје остварија билатерална средба на која, како што информираа двајцата по работниот состанок, разговарале за тоа како ќе се одвива процесот, односно методите за надминување на разликите околу името. Покрај тоа, двајцата министри разговарале и за заедничките интереси, но и за грижите и на Македонија и на Грција во однос на прашањето за името.

Димитров истакна дека очекува поддршка во напорите на Македонија во процесот на евроатлантските интеграции.

„Очекуваме и се надеваме на помош и поддршка во нашите европски интеграции и сакаме една со друга да гледаме пријател и иден сојузник и да не се надмудруваме“, рече Димитров.

Според грчкиот министер за надворешни работи, Коѕијас, двете земји се многу блиски соседи кои ги поврзуваат многу работи и затоа треба да се продолжи со градењето на мерките на доверба и решавање на проблемите во интерес на нивните граѓани.

„Грција, со сите свои сили, ги поддржува и продолжува да ги поддржува стабилноста и суверенитетот на оваа пријателска северна земја. Оваа ваша стабилност ја храни нашата стабилност, а нашиот развој ги храни и вашиот развој и стабилност. Верувам дека иднината припаѓа на нашата соработка и дека ќе најдеме смелост да ги надминеме сите елементи кои нè држат во оваа нелогичност“, потенцираше Kоѕијас.

Во оваа насока, Коѕијас потенцираше дека верува оти влегувањето во НАТО на земјите од Западен Балкан и особено на Македонија ќе биде од исклучителна важност за развојот на целиот регион.

„Што се однесува до НАТО, постојат одлуките од Букурешт и со тие одлуки и нивното реализирање, оваа земја ќе стане членка на НАТО. Како сега ќе се реализираат тие одлуки на НАТО, не зависи од нас, туку зависи од тие што треба да одлучат. Ние ја сакаме оваа мила наша северна земја и во НАТО и во ЕУ, но ќе треба сето тоа да се оствари врз основа на правилата на ЕУ и НАТО. Државата во која се наоѓам денеска има и европско лидерство, и европска Влада, и европска перспектива, но елемент на европската перспектива е да се почитуваат одлуките и правилата“, изјави Коѕијас.

Министрите Димитров и Коѕијас, се заложија за продолжување на контактите и средбите на политичко и експертско ниво во духот на добрососедството и меѓусебното почитување, како заеднички придонес во создавањето позитивна клима во односите меѓу двете земји.

​Како резултат на консултациите за унапредување на соработката меѓу двете Министерства за надворешни работи, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Виктор Димовски и политичкиот директор во грчкото Министерство за надворешни работи, Петрос Мавроидис потпишаа Меморандум за разбирање за соработка на полето на дипломатската обука.​

А. Б.