/ Прочитано:

1.630

Средба Иванов-Нимиц: Во процесот за решавање на спорот за името, најважно е  стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите

„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни за надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Во процесот за решавање на спорот за името, најважно е  стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг“, истакнал на средбата со медијаторот Нимиц, македонскиот шеф на државата Ѓорге Иванов.

На средбата со специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, односно медијаторот во македонско-грчкиот спор за името, Метју Нимиц, кој вчера го започна својот тридневен престој во Македонија за првпат по две години, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ги потенцирал приоритетите на државата, односно, како што рекол, Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН. Иванов притоа истакнал дека е неопходно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите-резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба, како и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата била разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Македонскиот претседател порачал дека е потребно да се создаде позитивен амбиент, со цел подобро разбирање и почитување.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов, се вели дека тој ги поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете страни и повика на нивно проширување и внесување нови содржини.

„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни за надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Во процесот за решавање на спорот за името, најважно е  стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг“, истакнал на средбата со медијаторот Нимиц, македонскиот шеф на државата.

Истовремено, претседателот Иванов ја потенцирал потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.