/ Прочитано:

419

Средба Јовески – Краснов, генерален обвинител на Руската Федерација

 Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, оствари средба со генералниот обвинител на Руската Федерација, Игор Краснов.

Во рамките на досегашната успешна соработка помеѓу двете обвинителства, на средбата беше потенцирана заедничката заложба за размена на искуства во борбата против организираниот, транснационалниот и компјутерскиот криминал, како и заштитата на човековите права.

Јовески и Краснов се согласија дека меѓународната соработка е основа за поуспешна борба со криминалот, како задача на обвинителската професија.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, заедно со јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје Елвин Вели и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска  учествуваа на меѓународната конференција „Улогата на обвинителствата во заштитата на индивидуалните права и јавниот  интерес во светло на препораките од Европската конвенција за човековите права“, која се одржува во Санкт Петербург, Русија од 6  до 9 јули 2021 година.

На конференцијата на повеќе теми свои излагања имаа шефовите на обвинителствата од европските држави, пред кои поздравно се обратија генералниот обвинител на Руската Федерација – И. В. Краснов,  претседателот на Меѓународната асоцијација на обвинители – Чеол-Кју Хванг, генералниот директор за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа – Ц. Гакумопулос, претседателот на Консултативниот совет на обвинителите од Европа – А. В. Ногуера,  претседателот на Европската комисија за ефикасност на правда – Р. Гурбанов и  потпретседател на Венецијанската комисија – Бази Малаури.

Говорејќи за обвинителите како учесници во судската постапка и за заштита на човековите права и улогата на обвинителствата во согласност со Европскиот суд за човекови права, шефовите на обвинителствата од Европа се осврнаа на заштитата на јавниот интерес и гарантирањето на правата на поединецот во кривичната постапка, но и за улогата на јавните обвинители во заштитата на јавниот интерес и индивидуалните права надвор од кривичноправната област.  Во таа насока, присутните дадоа мислење за европските правни стандарди во светло на Препораката CM/Rec (2012)11 – Улога на јавните обвинители надвор од  системот на кривична правда.

На меѓународната конференција учесниците опфатија дел од областите каде што обвинителите имаат значајна улога за обезбедување на усогласеност на националните законодавства со европските потреби. Стана збор за приоритетни области, како што се заштитата на животната средина, заштитата на социјалните права на граѓаните со осврт на здравствената заштита, борбата против компјутерскиот криминал, заштитата на правата на претприемачите, развојот на институтот –  обезбедување бесплатна правна помош.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, во своето излагање особено се осврна на борбата против илегалната миграција во контекст на заштитата на правата на мигрантите и борбата против заканите од тероризам.

Јовески на покана на руските медиуми даде изјава за значењето на конференцијата и за јакнењето на меѓународната соработка.

Учество на меѓународна конференција на шефовите на обвинителствата од Европа

М.В