/ Прочитано:

1.126

Средба на Јанева и Аневски за предметот „Пуч“

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски денеска имаа средба во врска со преземањето на списите и документацијата од предметот „Пуч“ од страна на Советот.

„Кратко се видовме и се договаравме околу начинот на преземање на предметот Пуч од страна на Советот на јавни обвинители. Не цел предмет, туку оние работи кои нам ќе ни бидат потребни. Се договоривме идната недела да одржиме заедничка средба со обвинителите од ова јавно обвинителство, пет на број, и со членовите на Советот за да се договориме околу натамошните чекори за разјаснување на овој случај“, изјави Аневски по средбата.

Аневски додаде дека пет обвинители од СЈО следната недела ќе се сретнат со членовите на Советот на јавни обвинители и ќе ги образложат причините за откажувањето на СЈО од случајот „Пуч“. ­

Минатиот месец Советот на јавните обвинители ги побара списите за предметот  „Пуч“. Од Советот посочија дека во членот 7, став 3 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е наведено дека: „Јавниот обвинител ќе биде професионално одговорен за стручните и законските дејствија при неговата работа пред Советот на јавните обвинители. Заради разјаснување и согледување на преземените дејствија од страна на јавниот обвинител, истиот е должен да ги достави бараните списи до Советот на јавните обвинители во најкраток можен рок“.

Барањето на Советот на јавните обвинители следуваше по повлекувањето на обвинението за предметот „Пуч“ од страна на СЈО.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука. Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, истакнаа од СЈО.

Предметот за случајот „Пуч“ беше оформен во Основниот суд Скопје 1 откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 1 мај 2015 година достави обвинителен акт против пет лица, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.