Средба на министерката за правда со амбасадорите на ЕУ: Европските стандарди се потреба на граѓаните
Министерката за правда, Рената Дескоскa, оствари средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, во организација на Делегацијата на Европската Унија и евроамбасадорот Жбогар.
„Реформите ги правиме за подобрување на човековите права, за создавање на систем на владеење на правото затоа што европските стандарди се потреба на граѓаните на Република Македонија, а не само услов за пристапни преговори со Европската Унија. Кога ќе се загуби довербата во институциите, најтешко е таа да се врати. Секако, не можеме да очекуваме тоа да се случи преку ноќ, но ќе го ставиме судството на вистинскиот пат“, истакна Дескоска на средбата потврдувајќи ја својата силна определба за реформи во ресорот.
Дескоска ги информираше амбасадорите за тековните реформски активности, како и за плановите за идни активности во приоритетните области – правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, забрзувањето на административните постапки и унапредувањето на човековите права во Република Македонија.
Министерката за правда воедно најави дека во претстојниот период ќе следуваат бројни и значајни законски измени од приоритетните области, кои ќе бидат спроведени во консултација со компетентни лица од областа на судството и обвинителството, експертската јавност и граѓанскиот сектор, а за кои ќе се бара широка поддршка од политичките партии претставени во Собранието на Република Македонија.
М.В