/ Прочитано:

777

Средба на претседателот на Уставниот суд со францускиот амбасадор

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, денес оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристијан Тимоние. На средбата беа разменети мислења и информации и беа разгледани можностите за продлабочување на соработката помеѓу уставните судови на двете земји. Во тој контекст претседателот Сали Мурати упати покана до претседателот на Уставниот совет на Франција, Лорен Фабиус, за посета на Република Северна Македонија и ја потенцираше подготвеноста за размена на мислења и искуства помеѓу двата уставни суда.

„Во најкраток временски рок, Уставниот суд ќе ги преземе сите неопходни мерки и активности за враќање на Уставниот суд како членка во Асоцијацијата на уставните судови кои го употребуваат францускиот јазик (АCCPUF)“, посочи претседателот Мурати.

Претседателот Сали Мурати го запозна амбасадорот Тимоние со предизвиците со кои се соочува Уставниот суд на Република Северна Македонија, а кои влијаат не само на кредибилитетот на Уставниот суд туку и на секојдневните активности.

„Уставниот суд треба да си го заземе местото што му припаѓа во нашиот уставноправен поредок. За таа цел неопходно е неодложно да му биде обезбедена финансиска и административна независност на Уставниот суд, да се унапреди статусот на Судот и на уставните судии, како и на Стручната служба на Судот, да се актуализира потребата од воведување на уставна тужба, со што ќе се зголеми корпусот на човековите права и слободи кои ќе бидат под уставносудска заштита“, наведе претседателот на Судот, Сали Мурати.

Потребата од вакви реформи не е само оцена на Уставниот суд, туку ваквата потреба е нотирана и во извештаите на Европската Унија и нејзините експерти, Венецијанската комисија и други меѓународни експертски анализи“, нагласи претседателот Мурати, дополнувајќи дека тоа се предуслови за зголемување на кредибилитетот на Уставниот суд и зголемување на довербата на граѓаните во него.

Амбасадорот Тимоние упати честитки за изборот на Сали Мурати за претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија и го поздрави најавениот ангажман и планираните активности кои треба да водат кон зголемување на угледот на Уставниот суд како исклучително важна институција која треба да обезбеди владеење на правото и заштита на човековите слободи и права.

„Франција е подготвена да ги поддржи и неопходните реформи и во Уставниот суд на Република Северна Македонија. Многу очекуваме од Уставниот суд бидејќи многу добивме од Уставниот совет на Франција, кој има голема улога во судството и во либерализацијата и треба да остане секогаш ‘пластичен’ да се моделира и да одговара на барањата на граѓаните во една стабилна рамка, но истовремено почитувајќи ги законските норми. Во овој момент во Европа се прават огромни промени, како на пример објавувањето нонпејпер на Франција во кој се порачува како основа на проширувањето да биде правната држава, со централно место во овој документ за кој е потребно вклучување на сите институции за една единствена соработка“, нагласи амбасадорот Кристијан Тимоние.