/ Прочитано:

2.445

Средба на претседателот на Владата и претставници од Нотарската комора: „Да се најде најдобро решение за недоследностите во нотарската практика“

Ја поздравувам иницијативата за сеопфатна дебата за изнаоѓање најдобро решение за недоследностите во нотарската практика, истакна премиерот Заев на средбата.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од министерката за образование и наука, Рената Дескоска, оствари работна средба со претставници од Нотарската комора на Македонија, информираат од Владата на Република Македонија.

Претставниците на Комората укажаа на своите забелешки на постојниот Закон за нотаријат и побараа изнаоѓање решение прифатливо за двете комори, за да се отстранат сите недоследности во постојното законско решение.

Министерката Дескоска и министерот Спасовски, посочуваат од Владата, го поддржаа ставот на претставниците на Нотарската комора, потенцирајќи дека еден од принципите на новото законско решение мора да бидат рамноправноста и еднаквоста пред законските обврски и дека тоа е голем предизвик, наспроти практиката кога моќните компании, како банките и лизинг-компаниите, се покажуваат како попривилегирани од граѓаните.

„Слободата и правата на граѓаните се основниот принцип на демократијата и секој треба да има право на избор и сам да си одбере кој ќе го застапува во правниот промет и во судските постапки при изборот на адвокат или нотар“, истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на Нотарската комора.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, изрази мислење дека до соодветно решение за овие барања на Комората треба да се дојде низ транспарентна постапка и дискусија, со сите засегнати страни, за да дојде до израз аргументацијата за најдобро можно решение еднакво прифатливо за сите инволвирани субјекти.

Минатиот месец, Министерството за правда најави дека  подготвува измени на Законот за нотаријатот. Според Министерството за правда, во постојното законско решение постои сложена постапка за спроведување на конкурс за именување на нотари и полагање квалификациски испит, испит за рангирање, испит за заменик-нотар, испит за помошник-нотар, испит за нотарски стручен соработник и испит за проверка на знаењата на нотарите.

Исто така, од Министерството за правда посочуваат дека во актуелното законско решение за нотаријатот, оставинската постапка е скапа и неефикасна, а постапките за потврдување на приватни исправи и предлози за издавање на решенија за нотарски платни налози се неекономични.

Понатаму, од Министерството образложуваат дека целта на законските измени е редефинирање на постапката за спроведување на конкурс за нотари и полагање на испитите, поекономична и поефикасна процедура за иницирање на постапка за издавање на решение за нотарски платен налог, спроведување оставинска постапка и потврдување приватни исправи и ревидирање на начинот на вршење надзор над работата на нотарите и Нотарската комора.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот.

Законот за нотаријатот во Собранието на Република Македонија беше предложен кон крајот на 2015 година, а беше изгласан минатата година. Во новиот Закон за нотаријатот имаше бројни новости. Присуството на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување нотарски и изготвување приватни исправи беа дел од новините во законското решение. Од Министерството за правда при предложувањето на законот нагласија дека законските решенија се во функција на зголемената правна сигурност.

ВО ПОДГОТОВКА СЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: „Оставинската постапка е скапа и неефикасна“

М.В