/ Прочитано:

603

Средба на претседателот Пендаровски со министерот за правда и директорот на Државниот завод за статистика

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со министерот за правда, Бојан Маричиќ, и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за тековните процеси на реформи во судството и за активностите и капацитетите на Државниот завод за статистика во пресрет на спроведувањето на пописот.

Министерот за правда го информираше претседателот за новата методологија за оценување на работата на судиите и претседателите на судовите, како и со новата алатка за филтрирање и проверка на работата на судиите и судовите.

Претседателот Пендаровски ја поздрави одлуката на Советот за реформи во правосудството за ветинг на судиите, оценувајќи ја како чекор напред во стекнување на доверба на граѓаните во работата на судството. „Правната држава е од егзистенцијално значење и мора да биде поставена на здрави темели. Реформите во правосудството треба да бидат ефикасни и тука не смее да постои селективност и толеранција“, посочи претседателот Пендаровски.

На средбата беа разменети мислења за претстојните активности кои треба да ги реализираат државните институции во насока на спроведување на пописот.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, истакна дека Заводот е целосно подготвен за спроведување на оваа статистичка операција, во контекст на методолошкиот и техничкиот дел на пописот, и изрази очекување дека Законот наскоро ќе биде донесен со цел навремено и адекватно постапување.

Претседателот Пендаровски уште еднаш изрази очекување дека во новото законско решение ќе бидат вградени највисоките статистички стандарди на Евростат со цел да се реализира валиден и кредибилен попис, како што соодветствува за една демократска држава.

М.В