/ Прочитано:

815

Средба на републичкиот јавен обвинител со претставници на Европската комисија за ефикасност на правдата

 Јавниот обвинител на Република Македонија одржа состанок со делегацијата на Европската комисија за ефикасност на правдата, предводена од Рамин Гурбанов, заменик-претседател на Комисијата.

Целта на посетата во Јавното обвинителство на Република Македонија беше помошта што ја обезбедува Комисијата во анализирањето на состојбите и поддршката на правосудните институции од државата во сферата на правосудната статистика.

Јовески даде краток осврт  на активностите во областа на статистиката на Јавното обвинителство, извештаите и информатичката технологија. Фокус на разговорот беше подобрувањето на информатичките системи за управување со предметите и зајакнување на човечките капацитети во обвинителствата.

Пред јавниот обвинител на Република Македонија беше презентирано истражувањето од Советот на Европа за функционирањето на правосудните системи. Извештајот подготвен од Комисијата, беше истакнато на состанокот, е добра основа за натамошно креирање на политиките и за преземање на мерките во правосудството, како и  во предлагањето соодветни реформи за подобрување на ефикасноста на правдата.

Европската комисија за ефикасност на правдата е формирана со Резолуцијата Рес (2002) 12 на Комитетот на министри на Советот на Европа. Еден од основните мотиви бил фактот дека принципот на владеење на правото не може да биде обезбеден без „правични, ефикасни и достапни судски системи”. Во тој контекст посебно се истакнува значењето на меѓудржавната соработка, која се одвива во неколку насоки, како: анализирање на различните правосудни системи, олеснување на примената на меѓународните правни инструменти во однос на ефикасноста на правдата и дефинирање конкретни мерки што треба да го унапредат функционирањето на правосудните системи во Европа.

М.В