/ Прочитано:

1.254

Средба на Владата и Здружението на судии: „Постигнат е договор за барањата на судиите“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска се сретна со делегација на Здружението на судии, предводена од претседателот на здружението, д-р Џемали Саити, судија во Врховниот суд, информираат од Владата, од каде што додаваат дека е постигнат договор за барањата на судиите и дека соодветните институции ќе ги разгледаат правно-формалните аспекти за реализација на барањата.

„На средбата, на која позитивно беа оценети заложбите и реформите насочени кон обезбедување независно судство, претставниците на судиите и на Владата постигнаа договор за формирање работна група со претставници од ресорните министерства за изнаоѓање системско решение за платите на судиите.

Во таа насока, премиерот Заев со претставниците на судиите констатираа дека од септември ќе се реализира зголемување од пет проценти на платите на судиите и судските службеници, како и дека во тековниот Буџет има обезбедено околу 120 милиони денари за тековно исплаќање на надоместоците согласно Законот за судиите и судските службеници.

Премиерот Заев, заедно со министерот за финансии и министерката за правда, изразија уверување дека уште 120 милиони денари ќе се обезбедат со Ребаланс на Буџетот, и дека тие ќе бидат наменети за ретроактивни решенија на проблемите со надоместоците на судиите“, се вели во соопштението на Владата.

Здружението на судии подготвува иницијатива до Уставниот суд за одредби од Законот за платите на судиите

М.В