/ Прочитано:

1.323

Средба на Врховниот суд со апелационите судови на тема уедначување на примената на законите и судската практика

Во Врховниот суд се одржа заедничка работна средба на Врховниот суд и апелационите судови на тема уедначување на примената на законите и судската практика „Концепт за работа и усогласување“.

Со средбата раководеше претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Јово Вангеловски, а присутни беа и претседателот и судиите на Одделот за судска практика на овој суд, како и претседателите и судии на апелационите судови. На средбата учество зедоа и претседателот на Врховниот суд на Република Хрватска, Ѓуро Сеса, во својство на меѓународен експерт и консултант за Врховниот суд и  Жарко Хаџи-Зафиров, претставник од Центарот за правни истражувања и анализи.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, истакна дека идејата за одржување ваков вид работни средби е резултат на соработката со Сеса, меѓународен експерт и консултант за Врховниот суд, избран преку механизмот на експертска координација кој се спроведува во рамките на проектот на Европската Унија во соработка со Советот на Европа за хоризонтална поддршка на земјите од Западен Балкан и Турција.

Доследната и предвидлива судска практика е предуслов за владеење на правото и правната сигурност и особено е важна за зголемување на довербата на граѓаните во работењето на судскиот систем. Од тие причини, предвидено е зајакнување на соработката помеѓу судовите, која ќе се реализира преку одржување на редовни работни средби со цел утврдување на заклучоци во однос на спорни правни прашања.

На првата заедничка средба се дискутираше за конкретни прашања од областа на граѓанското право за кои се јавува различна практика во постапувањето на судовите, а со цел хармонизирање и усогласување на ставовите. Утврден е еден заклучок, кој ќе биде објавен на веб-страницата на Врховниот суд. За дел од прашањата дискусијата ќе продолжи на следната работна средба, која ќе се одржи од 13 до 15 март 2019 година во Битола.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, истакна дека во иднина редовно ќе се одржуваат вакви средби со цел да се утврдуваат заклучоци кои треба да служат како насоки за пониските судови со цел подобрување на конзистентноста на судската практика во сите судови.

М.В