Српската влада едногласно го прифати договорот со Приштина
Понеделник, 22 април 2013 – Владата на Србија денеска едногласно ја одобри спогодбата за нормализација на односите меѓу Косово и Србија што беше постигната во петокот во Брисел со посредство на Европската унија, јави „РТС“.
Во текот на неделава за неа треба да расправа и српскиот парламент. Во Митровица пак за денеска е најавен митинг под мотото „Северот на Косово останува во Србија“, како отфрлање на спогодбата меѓу Белград и Приштина.
Претходно, со големо мнозинство парламентот на Косово го поддржа договорот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите. Вкупно 89 пратеници гласаа „за“ договорот, а петмина, главно од движењето „Самоопределување“ беа „против“. Пратениците од „Самоопределување“ се обиделе да го попречат гласањето, но резолуцијата беше усвоена.