/ Прочитано:

887

„Блиц“: Белград и Приштина постигнале договор за Заедницата на српските општини

Четврток 14 март 2013 – Белград и Приштина постигнале договор за Заедницата на српски општини. Двете страни побарале од Европската унија уште малку време за да ја подготват албанската и српската јавност, со оглед на тоа што се свесни дека нема да бидат задоволни ниту Албанците, ниту Србите на Косово, од високи дипломатски извори пренесува српски „Блиц“. 

Српските медиуми деновиве пишуваа за договорот меѓу Приштина и Белград откако претседателот Томислав Николиќ по средбата со високата претставничка на ЕУ Ештон Кетрин изјави дека „Приштина попуштила“. По ова, српскиот премиер Ивица Дачиќ контрирајќи му на претседатол изјави дека не постoи никаков ултиматум за Косово, ниту е постигнат договор. Според него билатералните односи отишле чекор напред, но Белград и Приштина биле далеку од решение. 

Денеска српски „Блиц“ од дипломатски извори во Брисел тврди дека договорот е постигнат, но јавноста ќе почека за да го слушне решението – Белград и Приштина ќе се подготвуваат како да ја соопштат одлуката затоа што и двете страни морале да се откажат од дел од барањата за да биде постигнат договорот. 

За постигнатиот договор говори и посетата на Ештон Кетрин која се очекува во 13 часот да пристигне на Косово. Косовскиот премиер Хашим Тачи ја потврдил информацијата потенцирајќи дека посетата значи поттик за нормализација на односите со Белград. Доколку по посетата на Приштина го посети и Белград тоа ќе биде сигурен знак дека е постигнат договор, пишува „Блиц“.

Договорот со Приштина е клучен услов Србија да добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ, за што ќе се одлучува на 16 април годинава. Србија има подршка од повеќе амбасадори кои се во земјата. Американскиот амбасадор во Белград, Мајкл Кибри верува дека постојат неколку можности за надминување на проблемот со Косово. На иста линија е и германскиот амбасадор во Белград, Хајнц Вилхелм кој смета дека решението на косовкиот проблем ќе донесе консолидација во регионот. Амбасадорот на Велика Британија, Мајкл Девенпорт укажува дека ЕУ не е целосна без Србија, а истото мислење го дели и неговиот италијански колега Армандо Варикија.