/ Прочитано:

1.115

Српскиот „Курир“: Обид за атентат на претседателот Томислав Николиќ!

Понеделник, 5 ноември 2012 – Висок функционер на српското Министерство за внатрешни работи, во петокот околу 3 часот по полноќ, со своето возило го пресекол патот на колоната во која се наоѓал и српскиот претседател Томислав Николиќ. Претседателското обезбедување спречило трагедија, а српски „Курир“ објавува дека станува збор за обид за атентат врз претседателот.

Висок функционер на српското Министерство за внатрешни работи со своето службено возило во петокот предизвикал инцидент кога налетал на колоната од возила што го пратела претседателот Николиќ и неколку пати им го пресекол патот. Инцидентот се случил на автопатот од Ниш спрема Белград кога Николиќ се враќал од својата официјална посета на Македонија.

Српските медиуми пренесуваат дека возилото што го пресекол патот бил џип, а со него управувал возачот на функционерот од Министерството за внатрешни работи, Драгиша Симиќ. Веднаш била повикана полиција, а возачот негирал дека сакал претседателското возило да го исфрли од патот.

По оваа информација, српската јавност ја брануваат различни медиумски написи дека станува збор за атентат врз претседателот. Од претседателскиот кабинет, изутринава ги негираат шпекулациите. Сето ова се случува кога во јавноста излегоа информациите дека телефоните на претседателот и потпретседателот на Владата, Александар Вучиќ биле прислушкувани. Безбедносно информативната агенција му потврдила на потпретседателот Вучиќ дека пред неколку дена од Министерството за внатрешни работи бил издаден налог за прислушкување на неговиот телефон и телефонот на претседателот на државата. Премиерот и министер за внатрешни работи на Србија,  Ивица Дачиќ тврдел дека нема никаква врска со прислушкувањето. Поради овие гласини, високи функционери на српската полиција се под закана дека ќе бидат уапсени и разрешени.

>> СРПСКИ ВОТЕРГЕЈТ: Прислушкувани телефоните на претседателот на Србија и потпретседателот на Владата

Продолжува истрагата на началникот на криминалистичката полиција, Родољуб Миловиќ кој денеска најавил дека го затвора боледувањето за да ја истражи аферата „Кој прислушкува“? Денеска во рацете на началникот треба да падне и списокот на повици од „Телеком“ кој со налог го побарал уште минатата недела.