/ Прочитано:

1.037

ССК: Договор за трилатерална македонско- бугарска-швајцарска соработка

Со меморандум за соработка Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб при Сојузот на стопански комори на Македонија ја зацврсти соработката со Бугарско-швајцарската трговска комора. Меморандумот го потпишаа претседателката на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб, Јасминка Талеска, и претседателот на Бугарско-швајцарската трговска комора, Бони Бонев.

Целта на меморандумот е унапредување на соработката, вмрежување на компаниите, со прецизирани активности кои ќе бидат преземени за зајакнување на партнерството, поттикнување на развојот, промоција на трговијата и економската соработка.

Талеска истакна дека потенцијалите за соработка меѓу коморите се големи, особено во доменот на ИКТ-секторот, фармацевтската индустрија, секторите осигурување и финансии, со оглед на тоа што се зголемува деловната соработка со Швајцарија.

„Билатералните економски односи кои ги градиме со Швајцарија одат во нагорна линија. Во таа насока и меморандумот кој го потпишавме со Бугарско-швајцарската трговска комора е дополнителна можност за зајакнување на релациите, вмрежување на илјадници компании, за заемна промоција и секако интерес за соработка на повеќе полиња, како и за реализација на заеднички проектни активности. Главната цел е искористување на потенцијалот за зголемување на трговијата и инвестициите меѓу нашите држави“, изјави Талеска и додаде дека според статистичките податоци, трговската размена меѓу Македонија и Швајцарија во 2019 година  изнесува 92 милиони евра со остварен извоз од 36 милиони евра и увоз од 56 милиони евра.

Бугарско-швајцарската трговска комора обезбедува информации и услуги на деловната и инвеститорската заедница во соработка со Швајцарската амбасада во Софија. Претседателот Бонев истакна дека се бројни областите за продлабочување на заедничката соработка, за реализација на проектни активности со особен фокус на енергетска ефикасност, квалификуван кадар, инфраструктура и создавање квалитетен деловен амбиент.

Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб е формиран во Сојузот, со поддршка на Амбасадата на Швајцарија. Во моментов над 40 компании се со стопроцентен швајцарски капитал во земјава или дистрибуираат производи или услуги од Швајцарија на македонскиот пазар.