/ Прочитано:

1.367

ССК: Во светот дури 80% од стопанските спорови се решаваат по пат на арбитража

Арбитражата на Интернационалната стопанска комора (ICC Arbitration), преку Националниот комитет на Интернационалната стопанска комора во Македонија, која решава по најголем број спорови годишно во светот, станува подостапна и за македонските компании, како гаранција за брзо, ефикасно и професионално решавање на споровите според меѓународни правила, информираат од Сојузот на стопански комори.

„Меѓународниот арбитражен суд на Интернационалната стопанска комора е водечка арбитражна институција во светот, која ги зголемува можностите за домашните компании за брзо и ефикасно решавање на споровите кои произлегуваат од склучени договори со меѓународни партнери. При склучување на договори меѓу деловните партнери, искуствата покажале дека во голем дел е клучен изборот на арбитражен суд во самиот договор, кој би дејствувал во случај на спор како гаранција за сигурно бизнис партнерство и правично решавање на спорот.  Арбитражата значи побрзо решавање на споровите, со учество на судии кои се докажани авторитети во глобални рамки“, изјави Даниела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и додаде дека станува збор за избран суд, во кој споровите кои се изнесуваат пред арбитражата се решаваат врз основа на меѓународното право и арбитражната пресуда е задолжителна за страните во спорот.

Арсовска истакна дека предноста е во тоа што арбитражната одлука е конечна, има сила на правосилна судска пресуда, на неа не е можно да се приложи жалба, со што се спречува одолговлекување на постапката.

„ССК заедно со Интернационалната стопанска комора во Македонија во септември започна со серија едукативни инфосесии за подигнување на свесноста за решавање на спорови по најсовремени меѓународни практики, што значи заштеда на време, пари и човечки ресурси. Компаниите се запознаваат со најновите правила на Меѓународниот арбитражен суд (ICC International Court of Arbitration®), актуелни трендови и меѓународни искуства и воопшто предностите од користење на арбитражата. Во светот дури 80% од стопанските спорови се решаваат по пат на арбитража, што укажува на сигурноста на постапката. Исто така, и земјите од регионот предничат во решавање на деловните спорови по пат на арбитража, додека кај нас стопанските спорови со години се заглавени во национални судски лавиринти“, изјави Арсовска.

M.В