/ Прочитано:

1.493

ССКМ: Канцерогените фискални ленти итно да се забранат како во ЕУ

Од 1 јануари годинава во Европската Унија стапи на сила забраната за употреба на штетната хемиска материја бисфенол А или БПА, присутна во термичката хартија на која се печатат фискалните сметки, броевите за ред на шалтерите во бројни институции, како и на фискалните ролни во големопродажбата. Во согласност со измените во легислативата, оваа забрана ќе започне да се применува почнувајќи од јули годинава и во соседна Србија, поради утврдената штетност, односно поради тоа што е канцерогена и предизвикува бројни заболувања.

Оваа штетна хемикалија е утврдена како предизвикувач на сериозни здравствени проблеми како: срцеви заболувања, дијабетес, неплодност, рак на дојка и простата, хормонски и ендокринолошки заболувања, а претставува и голем ризик за здравјето на децата.

Бисфенолот А е една од најкомерцијално достапните хемикалии што се користат во производството на термичка хартија како развивач на бои. Според истражувањата, концентрацијата на бисфенол А во фискалните сметки е до 40 пати поголема од дозволената и се движела од 0,62 до 0,91 отсто, а според стандардите дозволено е само 0,02 отсто.

Засега во ЕУ забраната подразбира само нејзино исклучување од термичка хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти.

Претседателот на  Комората на сметководители на Македонија,  Драган Митковски, апелира надлежните институции, итно да ја стават на дневен ред забраната за употреба на бисфенол А во термичката хартија на која најмногу се изложени лица кои се во контакт со фискални сметки преку целиот работен ден, како што се: сметководителите, потрошувачите и голем број лица кои работат во трговијата, особено во малопродажбата.

„Препораката на Комората на сметководители е во најкраток рок, по примерот на ЕУ, да се забрани употребата на штетната хемиска материја бисфенол А и да се даде рок за државните институции,  приватниот сектор, трговските ланци, да може да ги заменат артиклите што содржат штетни материи со нови, кои не ги содржат истите. Како пример, во ЕУ дозволен е таканаречениот преоден рок од шест месеци, производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да започнат да  користат термичка хартија на пазарот која не ја содржи оваа хемикалија“, истакна Митковски.

Минатата година, Швајцарија стана првата земја во Европа што забрани да се користат бисфенол С (БПС) и бисфенол А (БПА) во термичката хартија, откако Федералниот совет гласаше за нивната забрана. Одлуката била одобрена на 7 април, а влегла во сила на 1 јуни 2019.

Дискусиите за БПА започнаа во 2011 година, откако Данската агенција за заштита на животната средина објави дека до 80% од сметките на касата во „Кооп Денмарк“ биле направени од термичка хартија. Веднаш потоа „Кооп Денмарк“ ги отфрли 12-те групи на супстанции и хемикалии од сопствени производи до крајот на 2017 година, меѓу кои и бисфенол А.

Препораките на здравствените организации се: да се мијат рацете веднаш по контактот со фискални сметки, сметките да не се ставаат во кесите со храна, да не се дозволува децата да доаѓаат во контакт со фискални сметки, а доколку на работното место редовно сте во контакт со фискални сметки, да носите ракавици.

Комората на сметководители на Македонија верува дека надлежните институции сериозно ќе пристапат во усогласување со европската регулатива за забрана за употреба на штетната хемиска материја бисфенол А или БПА во термичката хартија.

M.В