/ Прочитано:

767

ССМ: Да се почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа во услови на топлотен бран

„Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен претставник на работниците во државата бара Владата да донесе мерки за заштита на животот и здравјето на работниците и граѓаните затоа што според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината, а максималната температура ќе достигне до 40 степени.

Во насока на справување со најавените високи температури, ССМ бара од работодавачите да ги почитуваат марките за безбедност и здравје при работа, да го намалат и исклучат работењето на отворено за работниците во најтоплите делови од денот, како и да ги обезбедат сите средства и мерки за заштита на животот и здравјето на работниците во овие услови.

Од особено значење е да се утврдат соодветни мерки за заштита на здравјето и животот на возрасните, хронично болните и бремените работнички.

Светската здравствена криза и пандемијата силно го потенцираат значењето на животот и здравјето, поради тоа и во овие услови на екстремно високи температури да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството.

Работодавачи, зачувајте го здравјето на работниците, тие се ваши партнери!

Работници почитувајте се, спроведувајте ги мерките за безбедност и здравје при работа, а доколку тоа право не ви се почитува, пријавете кај вашиот синдикален претставник, претставникот на работниците за БЗР и Државниот инспекторат за труд!

Непочитувањето на работничките права и праватa за безбедност и здравје при работа можете да ги пријавите во Сојузот на синдикатите на Македонија на: prijavi@ssm.org.mk или на телефонскиот број: 070 818 878“, се вели во соопштението на Сојузот на синдикатите.

М.В