ССМ: Минималната плата да се зголеми и да не изнесува помалку од 16.976 денари
„Минималната нето-плата сега изнесува 14.955 ден. Зголемена е кога даночното ослободување во јануари се зголеми и минималната плата од 14.934 ден. се зголеми за 21 денар.
Со ова усогласувањето во март 2021 год. нето-минималната плата ќе порасне нето за 446 денари (15.401).
Додека бруто-минималната плата сега изнесува 21.776.
Со ова усогласување бруто-минималната плата ќе порасне за 690 денари (22.466).
Просечната нето-плата за декември 2020 изнесува 28.294 ден., а минималната нето-плата ќе изнесува 15.401 ден и со минималната плата ќе се покрива 54,43% од просечната плата.
Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека ваквото покачување на минималната плата не е доволно со оглед на тоа што во изминатиот период македонскиот работник само за лекување поради заболување или изолација од ковид-19 имаше зголемен трошок за витамини и лекарства за најмалку 6.000 денари месечно, а тука се и зголемените цени на сите производи кои се неопходни за едно четиричлено семејство.
Од овие причини апелираме минималната плата да се зголеми во висина од 60% од просечната плата и да не изнесува помалку од 16.976 денари.
Дополнително потсетуваме дека зголемувањето на минималната плата треба да значи и спирално зголемување на останатите плати во сите сектори и дејности за сите работници, а потсетуваме дека не е законски работодавач да исплаќа плата само во висина на минималната плата на работник, доколку истиот има минат труд, работи во смени, работел прекувремено, работел во празник итн.“, се наведува, меѓу другото, во соопштението на ССМ.
М.В