ССМ: На 1 Мај ќе стартува кампања посветена на реализација на целите и барањата во протоколот за социјален напредок
Разговорите меѓу социјалните партнери за зголемување на минималната плата во земјава ќе продолжат. Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, рече дека во наредните денови, конкретно на 1 мај, во понеделник, заедно со претставниците на синдикатите ќе разговараат за зголемувањето на минималната плата, бидејќи има можности и простор тоа да се направи. Тој нагласи дека фокусот е секогаш ставен на работничките права за кои гарант и чувари се синдикатите во име на работниците, а главните активности на институциите се во насока на нивно унапредување.
Достоинствен труд, пристојна работа, обезбедување социјална правда, социјална еднаквост и инклузија, развој на работничките права и нивна примена, економски и социјален раст, ова е пораката од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија по повод 28 април – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа и 1 мај – Ден на трудот.
ССМ повикува на мобилизирање на сите прогресивни синдикални и други сили за обезбедување на принципот на солидарност, единство и доверба, како неопходен услов за натамошен развој на Македонија. Ова би требало да биде во насока на подобра и посигурна социјална и материјална состојба и сигурност на работниците, граѓаните и младите луѓе, а со цел изградба на модерна социјална држава како членка на ЕУ со имплементиран европски социјален модел кој ќе обезбедува елиминирање на социјалната исклученост, елиминирање на сиромаштијата и спротивно на ова, ќе обезбедува пристојни плати, сигурни и безбедни работни места.
На денешниот настан беше истакнато дека разговорите меѓу социјалните партнери за зголемување на минималната плата во земјава ќе продолжат. Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, рече дека во наредните денови, конкретно на 1 мај, во понеделник, заедно со претставниците на синдикатите ќе разговараат за зголемувањето на минималната плата, бидејќи има можности и простор тоа да се направи. Тој нагласи дека фокусот е секогаш ставен на работничките права за кои гарант и чувари се синдикатите во име на работниците, а главните активности на институциите се во насока на нивно унапредување.
„Преку спроведувањето на социјалниот дијалог на сите нивоа и во различни форми, преку работата на Економско-социјалниот совет, како највисока институционална форма за промоција на трипартитниот социјален дијалог, како и преку практикување на најразлични форми на трипартитни консултации со социјалните партнери, во изминатите неколку години се имплементираа голем број закони и стратешки документи од економско-социјалната сфера во насока на подобрување на работничките права. Во оваа прилика би ги потенцирал: Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за работни односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравствено осигурување, Законот за минимална плата, Акцискиот план за сива економија 2015, Националниот акциски план за вработување на млади 2016-2020, Националната програма за пристојна работа 2015-2018, Оперативните програми за вработување и други слични прописи и стратешки документи. Исто така, заедно со социјалните партнери беа преземени најразлични активности со цел подобрување на климата на работните односи и воспоставување поголема сигурност на работниците во остварувањето на нивните права од работен однос. Конкретни примери за ова се спроведувањето на големиот број обуки за зајакнување на капацитетите на социјалните партнери, промоција и зајакнување на трипартитниот социјален дијалог преку институционално зајакнување на капацитетите на Економско-социјалниот совет, проширувањето на мрежата на локални економско-социјални совети, како и воспоставување механизам за мирно решавање на работни спорови, сѐ со цел поголема вклученост на социјалните партнери во процесот на креирање и имплементација на политиките на Владата на Република Македонија“, потенцираше министерот Ибрахими.
Претседателот на ССМ, Живко Митревски, истакна дека, како и во претходните години, и за овој 1 Мај ќе стартува кампања посветена на реализација на целите и барањата во протоколот за социјален напредок.
„Една од главните точки на тој протокол е токму зголемувањето на платите и на минималната плата. Ќе продолжиме со реализација на натамошната борба за поттикнување на мерките за вработување, со овозможување на социјална инклузија, борба против нееднаквоста и против сиромаштијата“, истакна Митревски.
На свечената седница на ССМ, по повод 28 април, Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа и 1 Мај – Денот на трудот, беше промовиран и прирачник посветен на работничките права со наслов „Дознај за своите права“, како и брошура за запознавање со правата на работниците од општиот колективен договор.
А. Б.