/ Прочитано:

1.226

ССМ: Штипскиот основен суд поведе постапка во врска со отворањето стечај за „Баргала“ АД Штип

Основниот суд во Штип донесе решение за поведување претходна постапка за утврдување на причините за отворањето на стечајната постапка за „Баргала“ АД Штип, а на акционерското друштво му е изречена забрана да располага со имотот без одобрение на стечајниот управник, како и забрана за одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против ова АД, информираат од ССМ.

„На предлог на работниците застапувани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поради неисплатени повеќе од три плати и тоа што сметките на должникот Баргала АД Штип се блокирани повеќе од 45 дена, Основниот суд во Штип, преку стечајниот судија Емил Пилатов, во законскиот рок донесе Решение за поведување на претходна постапка за утврдување на причините за отворање на стечајна постапка над имотот на должникот Баргала АД Штип и именуваше привремен стечаен управник. На должникот Баргала АД Штип му е определена општа забрана за располагање, со која му е забрането да располага со имотот без одобрение на стечајниот управник, како и се забранува одредувањето или спроведувањето на присилно извршување или обезбедување против должникот“, се вели во соопштението на ССМ.

„На привремениот стечаен управник му укажуваме дека првенствено треба да води сметка дека работниците својата егзистенција и егзистенцијата на своите семејства ја обезбедувале во компанијата, и оттука прво треба да води сметка за спроведување на решенијата издадени од страна на надлежни државни органи и институции, а на самонаречениот ‘Газдата’, ССМ заедно со работниците му порачуваме дека денес и тој е ист со нас и дека против сложни и напатени работници сила не се покажува. На работниците им укажуваме дека кога се храбри и одлучни се многу посилни и од најлошиот работодавач, а ССМ е секогаш тука да ги застапува само нивните интереси и барања“, додаваат од ССМ.