ССНМ: Авторските права мора да се почитуваат
„Времето на непречено преземање фотографии, видео и авторски текстови на новинарите и медиумските работници мора да заврши. Од јануари ССНМ влегува во процес на одбрана на правото на авторот, независно дали е новинар, фоторепортер или снимател, неговиот труд да биде платен и заштитен“, се вели во денешното соопштение на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
„Преземањето фотографии или авторски текстови како колумни без дозвола од авторот е казниво и ССНМ ќе застане зад сите кои се навистина оштетени, со давање правна помош и застапување на суд“, додаваат од ССНМ.
ССНМ смета дека е крајно време да стигне до свеста на луѓето и до медиумите пораката дека авторските права мора да се почитуваат, поради што сите учесници во медиумскиот бизнис мораат да престанат да бидат комотни кога преземаат фотографии и текстови на други автори.
Незнаењето, неинформираноста или незаинтересираноста, велат од ССНМ, веќе не се и нема да бидат оправдување. Почитувањето на авторските права е законска обврска, а воедно и е еден од темелните принципи на новинарската етика.
„Обврската за почитување на авторските права ја наложува првенствено Законот за авторски права како лекс специјалис, меѓутоа таа обврска ја има и во Кривичниот законик на Македонија, што значи дека станува збор и за кривично дело. ССНМ очекува дека овој апел ќе биде сфатен сериозно и одговорно, со што ќе се избегне некој да биде изложен на барања за паричен надомест и кривична одговорност, како и на дополнителни трошоци изразени во вид на адвокатски и судски трошоци и камата“, истакнуваат од ССНМ.
М.В