/ Прочитано:

1.829

ССНМ: Новинарите пишуваат за правата на работниците по другите гранки и дејности, а најчесто молчат за сопствените права како вработени

Иако пишуваат за правата на работниците по другите гранки и дејности, новинарите најчесто молчат за сопствените права како вработени, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Злоупотреба од работодавачите со најчесто објаснување дека така налага природата на работата

„Новинарите не ретко се подложни на злоупотреба од работодавачите со најчесто објаснување дека така налага природата на работата или, пак, многу често нема никакво објаснување. Судејќи според состојбите, се чини дека и новинарите и медиумските работници генерално го прифаќаат објаснувањето како аксиома. Причините не се наивни и за потценување, но целата состојба нема да се промени воопшто доколу останат индиферентни“, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Линијата на помал отпор, велат од ССНМ, по која се движат новинарите во прифаќање на непочитување на нивните работнички права ја објаснуваат со страв од реперкусии или евентуално добивање отказ доколку се пожалат, но и со реално малиот пазар на трудот на кој би можеле да побараат нова работа со подобри услови.

„Свесни за таквиот став или можеби е подобро да се каже страв на вработените, работодавачите се во релативно комотна позиција, па сѐ повеќе ги намалуваат работните права. Една од причините што придонесува за ваквата состојба е и фактот дека повеќе од половина од новинарите и медиумските работници никогаш не го ни прочитале Законот за работни односи, со што би се запознале со своите права. Тие често не знаат колку денови годишен одмор им следува според Законот, кој е начинот на исплата на плата, регулирање на работа на празник, услови на сменска работа, компензирање на прекувремени работни часови“, истакнуваат од Синдикатот.

Колективното договарање е на многу ниско ниво

„Анкетата спроведена на почетокот на март, на која одговорија 86 новинари и медиумски работници, покажа дека познавањето на колективното договарање е на многу ниско ниво. Речиси половина изјавиле дека не знаат дали висината на платата се регулира со колективен договор, а една третина одговориле погрешно. Со други зборови, само една третина од испитаниците точно одговориле на поставеното прашање.

Во  однос на правата кои според Законот за работни односи треба да ги имаат новинарите, анкетата покажала дека најмногу прекршувања има во делот на работа на празници и прекувремена работа.

Дури 72 проценти од анкетираните одговориле дека на никаков начин не им се надоместува таквата работа, додека многу помал е процентот на оние што одговориле дека им се надоместува во слободни денови или во пари. Повеќето новинари и медиумски работници не се платени за прекувремена работа.

„Правото на платен годишен одмор е уставно загарантирано право, но посебна приказна е користењето на годишниот одмор во медиумите. За ова има безброј примери на прекршување на Законот – од непочитување на бројот на денови за користење на одмор, до одработување на сопствениот одмор, ограничување на периодот за користење на одмор, влегувањето на празниците и викендите во денови од одморот. Според Законот, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, а максимум до 26. Работодавачот е должен  на  работникот да  му обезбеди искористување на минимум 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година и тоа споени, а остатокот до 30 јуни идната година“, велат од ССНМ.

Во медиумите, покажуваат податоците на анкетата, најчесто не се почитува правилото на секои 5 години работен стаж да му се даде на работникот ден плус во годишниот одмор. Според Законот, работодавачот не смее да го попречува синдикалното организирање. Забрането е вршење притисок врз членовите на синдикатот и нивните претставници. Сепак, со години во поголемиот дел од медиумите во Македонија немаше синдикално организирање. Менаџерите и уредниците или отворено го забрануваа или премолчено не дозволуваа такво нешто да профункционира.

За мнозинството новинари и медиумски работници, велат од ССНМ, платата доцни. Од спроведената анкета, додаваат од Синдикатот, може да се каже дека новинарите од своите права како вработени најдобро го знаат правото да бидат информирани како се пријавени.

„Законот предвидува дека може да се склучи договор за работа на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин, до пет години. Договорот за определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време ако работникот работи повеќе од две години на тоа работно место, а за кое работодавачот има потреба и се обезбедени финансиски средства“, истакнуваат од Синдикатот.

Законот за работни односи беше во неколку наврати менуван на штета на работничките права

Во текот на годините, Законот за работни односи беше во неколку наврати менуван на штета на работничките права. Во Законот, посочуваат од Синдикатот, има многу недоречености кои им оставаат простор на работодавачите, вклучително и сопствениците и менаџерите на медиумите, да го толкуваат на начин на кој кратењето или оневозможувањето на некои од правата пропишани во него да го објаснуваат со специфика на професијата.

„Законодавецот во голем дел од одредбите дозволува тие да бидат заобиколени со додавката дека тоа право не мора да важи доколку така налага процесот на работа – сменска работа, непрекината работа – што не ретко го користат сопствениците на медиумите“, истакнуваат од ССНМ.

Генерално, констатираат од Синдикатот, може да се каже дека работничките права што ги имаат новинарите и медиумските работници денес се поголеми од оние што ги имале пред 10-15 години, особено во делот на договорите за вработување на неопредлено време и целосна исплата на платите преку трансакциска сметка, а со тоа и регулирање на сите придонеси кон државата што тоа го повлекува.

Непочитувањето на законското право на одмор

„Сепак, рак-рана на новинарите и медиумските работници останува непочитувањето на законското право на одмор, како и недефинираната најниска плата во фелата, степенот на образование што треба да го имаат новинарите и валоризирањето на работното искуство при пресметување на плата и поставување на уреднички позиции. Овие дупки и недоречености во Законот за работни односи, како документ што ги дефинира минималните права на работниците, ССНМ ги пополни со изработка на нацрт-колективен договор за новинарите и медиумските работници, кој доколку биде прифатен, во многу ќе ги подобри работничките права на новинарите и медиумските работници“, изјавуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

М.В