/ Прочитано:

1.266

Изборот на нови судии го враќа судскиот процес против Бошкоски на почеток

Петок, 7 јуни 2013 – Предметот за случајот „Ровер“ каде за во понеделник беа закажани завршни зборови, се враќа на почеток откако вториот судија Лидија Чачева беше избрана за судија во скопскиот Aпелационен суд. Сепак, согласно законските можности по сослушувањето на странките, советот може да одлучи во ваков случај сведоците и вештаците да не се сослушуваат повторно и да не се врши нов увид, туку само да се прочитаат исказите дадени на поранешниот главен претрес. На двете седници на Судскиот совет на РМ (ССРМ) кои се одржаа вчера и завчера  избрани се вкупно 20 судии кои ќе ги пополнат местата во повеќе судови ширум земјава. Трите места во Врховниот суд и натаму остануваат празни и покрај тоа што за судии во највисоката судска истанца се пријавиле 50 кандидати.

Најблиску за да стане врховен судија била државната правобранителка Оливера Китанова, која го поминала првиот круг гласање, но не ги добила гласовите од Бадентер односно членовите од заедниците.

Како што пишува „Утрински весник“, причината за блокирањето на изборот на актуелната државна правобранителка Китанова, за која позитивно гласале 13 члена, а само еден против, било незадоволството на членовите од етничките заедници, затоа што не поминал изборот на Башким Бесими кој пак поднесе оставка од ССРМ на крајот на минатата година со цел да конкурира за судиско место.  За Бесими гласале осум члена, а шестмина биле против. Потребното мнозинство од десет гласа не било обезбедено ниту по повтореното гласање.

Инаку на вчерашната седница покрај Чачева за апелациони судии беа избрани Катерина Георгиевска, судијка во Основен суд – Скопје 2,   Станка Зафировска исто така од Граѓанскиот суд и Агим Муслими од Гостивар, кој пак доаѓа од редот на адвокатите. Пакизе Алиоска – советничка во Министерството за правда, стана судијка во битолскиот Апелационен суд.

Двајца нови судии се избрани и во Управниот суд, станува збор за досегашниот секретар на Општина Зајас, Бурим Сејдини, и советничката во Министерството за финансии, Дрита Бајрами.

За Основниот суд Скопје 2 се избрани тројца нови судии, од кои само еден од Академијата за судии и јавни обвинители, а за судија во скопскиот Кривичен суд е избрана Лидија Петровска.

Тројца нови судии доби гостиварскиот Основен суд, а по еден судија е избран и во основните судови во Охрид, Кичево, Куманово, Ресен, Битола и Тетово.

На 1 јули годинава стапуваат на сила законските измени на Законот за судови со кои се воведува т.н. „систем на кариера“. Условот за судија да напредува во Апелација е  стаж од 4 години во понискиот основен суд.  За врховен судија, пак, согласно измените, може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат судиски стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од ССРМ е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица.