/ Прочитано:

1.517

Стандардизирање на геопросторните податоци на државните институции како дел од националниот геопортал на Катастарот

Започна тридневната работилница во организација на Катастарот, на која претставници на дваесетина државни институции се обучуваат да креираат и да стандардизираат геопросторни податоци во своја надлежност, со што ќе овозможат да бидат достапни преку геопорталот за Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Катастарот. Работилницата е организирана во рамките на проектот ИМПУЛС за Западен Балкан, кој се спроведува со финансии од Шведската меѓународна агенција за развој.

На денешната работилница говорат претставници на Државната геодетска управа на Хрватска и на Шведскиот катастар, кои ги пренесуваат искуствата во врска со стандардизирањето на геопросторните податоци, особено во однос на  изработка на метаподатоците.  Во врска со стандардизирањето на геопросторните податоци, ќе се подготви и регистар на збирки на просторни податоци.

Томислав Цицили од хрватската Државна геодетска управа вели дека инфраструктурата на просторните податоци треба да претставува заеднички јазик за сите страни вклучени во креирање, делење и користење на просторните податоци. Заедничкиот јазик треба да го разбираат сите страни, така што потребна е соработка во развојот на овој јазик на сите нивоа – законодавно, техничко и организациско.

„Воспоставувањето на националната инфраструктура на податоци влијае на транспарентноста на податоците од јавниот сектор во областа на просторните податоци. Тоа е всушност првпат податоците на јавниот сектор систематизирано и транспарентно да се претстават пред сите, што индиректно ќе придонесе за зголемување на квалитетот на податоците, а крајните корисниците од едно место ќе имаат пристап до сите податоци кои се креираат во јавниот сектор од едно место, што на сите ќе им го олесни животот“, вели Цицили.

„Ова е добра можност сите државни институции да ги стандардизираат своите збирки на просторни податоци, а оние што ги немаат, да ги соберат, точно да се определи кој за што е надлежен, да се направат метаподатоци за производите што ги имаат, и сите сплотени заедно да се објават, односно да зрачат кон националниот геопортал“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Од Европската комисија посочуваат дека инфраструктурата на просторни податоци, како онаа предвидена со Директивата INSPIRE, може да им послужи на целите на организациите задолжени за податоци за животната средина, географски, геофизички и социо-економски податоци,  како и на услугите и информациите од кои зависи доброто управување со животната средина.

Просторните податоци, велат од Агенцијата за катастар на недвижности, станаа важен дел од нашиот секојдневен живот. 80 % од сите зачувани податоци содржат географска или просторна референца. Технички гледано, образложуваат од Катастарот,  просторните податоци се однесуваат на сите видови податоци кои имаат просторен аспект или просторна претстава.

Меѓутоа, просторните податоци често вклучуваат не само просторни, туку и податоци врзани за животната средина, здравјето или сигурноста. Геопросторните податоци им се потребни не само на претпријатијата, на граѓаните или на потрошувачите, туку и на телата на јавната управа за да можат да донесуваат квалитетни одлуки.

За време на креирањето на политиките, потребни се доверливи податоци за процена на моменталната ситуација и на досегашниот развој. Тие податоци повторно во добар дел се однесуваат на просторот, на пример подрачја на надлежност на телата на јавната управа, па подразбираат и просторна компонента.

Просторните податоци имаат одредени карактеристики и даваат одреден поглед на работите, но имаат и одредени потреби во смисла на управување и ракување со нив. Во таа насока, инфраструктурата на просторни податоци, пак, претставува координирана низа на договори за технолошки стандарди, институционални аранжмани и политики, која овозможува пронаоѓање и употреба на геопросторните информации од страна на корисниците за цел која е различна од нејзината првична намена. Географски информациски системи претставуваат алати кои можат да читаат, да испишуваат и да пресметуваат географски информации, односно податоци.

Во Националната инфраструктура на просторни податоци на РМ членуваат десет министерства, седум владини агенции, Град Скопје и две стопански комори. Законска должност на секој субјект на НИПП е да креира метаподатоци на стандардизиран начин користејќи го националниот профил за метаподатоци, кој е достапен и на геопорталот на НИПП.

М.В