/ Прочитано:

1.546

СТАНУВА ДАНЕЦОТ ДА СЕДНЕ НОРВЕЖАНЕЦОТ: Јенс Столтенберг од противник на НАТО до нов шеф на Алијансата

Економистот и поранешниот премиер на Норвешка, Јенс Столтенберг денеска стапува на должноста генерален секретар на НАТО. Политичарот познат по блискоста со Путин и поддршката од Меркел ќе ја преземе функцијата во екот на кризата во Украина, која неговиот претходник, Андерс Фог Расмусен, ја нарече „најголемиот безбедносен предизвик од крајот на Студената војна“.

Стани го Данецот – да седне Норвежанецот

Норвежанецот Столтенберг доаѓа на местото на Данецот Расмусен, исто така економист, кој беше 12-тиот генерален секретар на Алијансата во чие време се донесоа одлуките за повлекување на трупите на Алијансата од Авганстан и заострувањете на односите и партнерството со Русија, а за приемот на Македонија во НАТО инсистираше на решение за спорот за името, додавајќи дека Меѓународниот суд на правдата не може да влијае на НАТО бидејќи „организацијата има свои правила на носење на одлуки“.

Во младоста противник на НАТО – денес негов генерален секретар

Јенс Столтенберг е економист и политичар со богата кариера и искуство, поранешен премиер на Норвешка и претседател на норвешката Лабуристичка партија. Бил државен секретар во министерството за животна средина, министер за индустрија и финансии. Во својата младост се залагал Норвешка да го напушти членството во НАТО, став кој го искажал  во 1985 година, кога Столтенберг се кандидирал за претседателската функција во норвешкиот социјалдемократски младински сојуз.

„Точно е дека кога се приклучив кон АУФ организацијата бев против НАТО. Но, една од првите политички кампањи со кои постигнав успех, беше токму тоа што АУФ ја сврте насоката и почна да се залага за Алијансата. Тогаш кај мене немаше ниту најмала помисла дека еден ден ќе станам генерален секретар на Алијансата“, изјави Јенс Столтенберг во врска со неговиот  своевремено искажан став против НАТО.

„Инкогнито“ возеше такси и прашуваше граѓани што мислат за него

На светската јавност Столтенберг и стана познат и по популарната кампања за потребите на изборите кога норвешкиот премиер возеше такси за да ги слушне мислењата на граѓаните.

„Сакав да слушнам што прават и што мислат вистинските гласачи и дека таксито е едно од малобројните места каде што  луѓето можат да ги разменат своите вистински мислења“, рече  премиерот Столтенберг кој мина еден ден како такси возач. Колку и да звучеше симпатичен ваквиот гест, подоцна од неговата партија рекоа дека всушност се работи за маркетинг и дека „немало спонтаност во сценариото“.

Телефонскиот повик од Меркел

Столтенберг изгуби на изборите, но како што пишуваа норвешките медиуми, добил телефонски повик кој го „ублажил неговиот пораз“. Како што исвестуваа медиумите, бившиот премиер рекол дека го контактирала Ангела Меркел да му се заблагодари за соработката додека бил премиер и воедно го прашала дали би бил заинтересиран за местото генерален секретар на НАТО, за што поддршка имал и од САД И Франција. Се чини дека Столенберг овојпат не ја користел истата маркетинг стратегија.

Во добри односи со Путин и Медведев

Она што го врзува името на Столтенберг на меѓународен план е неговата политика кон Русија и претседателот Владимир Путин. За време на долгогодишната политичка кариера тој има воспоставено блиски врски со Русија и од тие причини се очекува да помогне за подобрување на односите меѓу Алијансата и Москва, кои се заладени поради украинската криза.

Поранешниот премиер на Норвешка и денес одржува добри односи со Владимир Путин и Дмитриј Медведев, поткрепени со фактот дека под нивно водство Русија и Норвешка склучија важни договори за утврдување на морската граница и безвизен режим за населението од пограничните региони.

Од тие причини и рускиот претседател Владимир Путин го поздрави изборот на поранешниот норвешки премиер Јенс Столтенберг на функцијата нов генерален секретар на НАТО, истакнувајќи дека тие двајца имаат „многу добри односи“, истакнувајќи дека, сепак,нормализацијата на односите со Западот зависи од постапките на западните земји.

„Соработката на Русија и НАТО во најмала можна мера зависи од личноста на новиот генерален секретар“

Сепак, руски и европски експерти сметаат дека подобрувањето на односите на НАТО со Русија во најмала можна мера зависи од личноста на новиот генерален секретар.

Како што пренесува Руска реч, Алексеј Арбатов, политиколог, раководител на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи на Руската академија на науките, вели дека соработката на Русија и НАТО во најмала можна мера зависи од личноста на новиот генерален секретар. Нашите односи се сега во длабока криза, која има објективни причини. Овие причини се сложени и разнолики. Тука се односите во последните 20 години, и проширувањето на НАТО на истокот, и агресијата на Алијансата врз Југославија, која и ја оддалечи Русија од НАТО.

Виктор Литовкин, независен воен експерт, смета дека НАТО ќе продолжи со истата политика кон Русија и нема да отстапи од веќе зацртаниот курс.

„Андерс Фог Расмусен, сега веќе поранешен генерален секретар на НАТО, на самитот во Велс рече дека Русија и Исламската држава на Ирак и Левант се „главните противници“ на Алијансата. Ситуацијата е кристално јасна: периодот на кокетирање на Северноатлантската алијанса со Руската Федерација е завршен. Доаѓањето на Јенс Столтенберг на местото генерален секретар нема да го измени веќе зацртаниот курс кој е насочен кон барање „непријател“ и кон смислата за постоење на овој блок“, вели Литовкин.

Александра де Хоп Шефер од германскиот Маршалов фонд укажува дека НАТО, без оглед на украинската криза, е принудено да соработува со Русија во многу области, како што се преговорите за иранската нуклеарна програма, борбата против тероризмот и смирувањето на хаосот на Блискиот Исток.

„НАТО мора да најде начин на долг рок да ги зачува односите со Русија, за што е потребен прагматичен и претпазлив пристап“, смета таа.

„Со оглед на неговото позитивно искуство со Москва, тешко е да се предвиди дали ќе продолжи по стапките на Расмусен или ќе се обиде да посредува за смирување на напнатоста“, вели аналитичарката Вивиен Пертисо од Францускиот институт за меѓународна политика во Брисел.

Анексијата на Крим – „брутално потсетување на потребата за постоење на НАТО“

Инаку, самиот Столтенберг во месеците по кризата ретко се огласуваше јавно за украинската криза, иако во март остро ја осуди анексија на Крим, која ја нарече „брутално потсетување на потребата за постоење на НАТО“. Според агендата на Јенс Столтенберг, еден од неговите врвни приоритети ќе биде ситуацијата во Украина.

„Враќање на претходното не се разгледува како варијанта. Русија се одлучи да се придржува до агресивната линија. Затоа не можеме, како што претходно се надевавме, да продолжиме со јакнење на партнерството со Русија“, вели Столтенберг, новиот генерален секретар на НАТО.

1.10. 2014 (M.В)