/ Прочитано:

1.524

СТАПИ ВО ПРИМЕНА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИТЕ: Нови законски обврски за фирмите и институциите и глоби до 6 000 евра

Од денеска почнува да се применува Законот за заштита на укажувачите. Со Законот за заштита на укажувачи се уредуваат: заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно на правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

akademik foto

Заштитеното пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите се дефинира како пријавување со кое, во согласност со овој закон, се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, дека се извршува или дека е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување, со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес.

Јавниот интерес се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи

Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи се: лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е ангажирано или било ангажирано за извршување работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е во деловен однос или било во деловен однос или во друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.

Во согласност со овој закон, обврска на институциите и на правните лица со најмалку 10 вработени лица е да го усогласат своето работење во однос на заштитеното пријавување и обезбедување на заштита на пријавувачите.

Одредбите од Законот предвидуваат прекршочни санкции глоби во износ од 2 000 до 6 000 евра во денарска противвредност, како за правното така и за одговорното лице во правното лице, за постапување спротивно на обврските на Законот, кои, меѓу другото, се однесуваат на донесување на внатрешни акти за заштитено пријавување, назначување на овластено лице за прием на пријави од укажувачи и постапување по пријавите во согласност со воспоставените процедури.

Какви насоки и какви обврски се предвидуваат?

Во Законот за заштита на укажувачите се пропишува дека укажувачот го врши заштитеното внатрешно пријавување усно на записник или во писмена форма до лицето овластено од раководното лице во институцијата, односно правното лице за каде пријавува. Во институцијата, односно правното лице, каде што нема овластено лице за прием на пријави од укажувачи, заштитеното внатрешно пријавување се врши до раководното лице на институцијата, односно правното лице .

Правните лица во приватниот сектор со најмалку десет вработени лица со внатрешен акт го уредуваат заштитеното внатрешно пријавување во согласност со Законот за заштита на укажувачи.

Правните лица во приватниот сектор при донесување на внатрешните акти за заштитено внатрешно пријавување треба да ги имаат предвид одредбите од Законот за заштита на укажувачи и подзаконските акти со кои се пропишува заштитеното внатрешно пријавување во јавниот сектор и заштитеното надворешно пријавување, во однос на:

а. пристапност до лице, односно до место за заштитено внатрешно пријавување и достапност на внатрешниот акт за заштитено внатрешно пријавување за сите вработени во правното лице;

б. ништовност на одредбите во актите и договорите со кои се уредуваат права од работен однос и работни ангажмани, со кои се забранува пријавување на сомневање или сознание за казниво дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната или, пак, таквото пријавување се дефинира како прекршување на одредби за доверливост, лојалност и професионалност;

в. заштита на укажувачот, и на лице блиско до него, од каков било вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија поради извршено пријавување;

г. проширување на заштитата од потточката в. за да опфати и други лица;

д. забрана за откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач, освен кога тоа се бара со судска одлука;

ѓ. заштита на личните податоци на укажувачот;

е. заштита на податоците и примените пријави, записниците, примените или создадени документи и други материјали во врска со заштитеното пријавување;

ж. правото на укажувачот без одлагање, односно во рок утврден во согласност со закон, да биде информиран за преземените мерки во врска со пријавата и преземените мерки за заштита;

з. упатување на заштитено надворешно пријавување, односно заштитено јавно пријавување;

ѕ. собирање податоци за воведеното заштитено внатрешно пријавување со цел негово унапредување врз основа на самооцена.

НАСОКИ ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР: Внатрешни акти за заштита на укажувачите во правните лица со најмалку десет вработени

Судската заштита на укажувачите кои пријавуваат загрозување на јавниот интерес

ШТО ПРЕДВИДУВААТ „ЗАКОНИТЕ ОД ПРЖИНО“ – Образложенија на новите закони и законски измени

Укажувачите на корупција ќе се штитат со закон – предложени нови мерки за борба против корупцијата

М.В