Стапија во примена одредби од законските измени за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити
На 8 април стапија во примена одредби од новите измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити кои се однесуваат на годишната стапка на вкупни трошоци. Имено, со законските измени по членот 20 се додаде нов член 20-а кој гласи:
„Годишната стапка на вкупни трошоци може да биде најмногу пет пати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец.”
Во законското образложение за овој член беше истакнато дека со измените се воведува ограничување на годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити. Со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци (провизии, надоместоци и сл.) кои ги плаќаат кредитокорисниците и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на кредитокорисниците кои имаат проблеми со отплата на кредитот (односно заштита од „спиралните” трошоци).
Инаку, како што е и законски определено, годишната стапка на вкупните трошоци се пресметува според методологија пропишана од Советот на Народната банка на Република Македонија.
„За целите на пресметување на годишната стапка на вкупните трошоци, вкупните трошоци на кредитот за потрошувачот треба да бидат определени, со исклучок на трошоците што ги плаќа потрошувачот за непочитување на обврските од договорот за кредит и други трошоци кои е должен да ги плати без разлика дали трансакцијата се врши во готово или на кредит, освен куповната цена за набавка на стоки или услуги.
За потребите на пресметување на годишната стапка на вкупни трошоци се смета дека договорот за потрошувачки кредит е полноважен и дека кредиторот и потрошувачот ги исполнуваат своите права и обврски од договорот на договорениот начин и во договореното време.
Во случај договорот за потрошувачки кредит да содржи одредби со кои се предвидува можност за промена на каматната стапка, провизиите и другите надоместоци, при пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци се смета дека до исполнување на договорот каматите и другите трошоци кои влегуваат во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци се непроменети“, се пропишува во членот 20 од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити по кој е додаден и членот кој стапи во примена на 8 април.
Прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец април 2019 година
Се намалуваат високите трошоци за брзите кредити
Министерството за финансии за новините во повеќе закони кои се однесуваат на граѓаните и на фирмите
Измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити
М.В