Стапува во примена новиот Закон за бесплатна правна помош
Денеска стапува во примена новиот Закон за бесплатна правна помош. Со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, видовите, опсегот на бесплатната правна помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката во која се остварува правото на бесплатна правна помош, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, транспарентност и отчетност во давањето бесплатна правна помош, посебните постапки за правна помош, надзорот над примената на овој закон и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош.
Целта на овој закон е да се овозможи и да се унапреди правото нa физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита. Правото на бесплатна правна помош се остварува во обем и постапка уредена со овој закон.
Овој закон не се применува за правни работи за кои е предвидена бесплатна правна помош со посебни закони. Бесплатната правна помош се дава под услови и во постапка предвидени со овој закон.
Бесплатната правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и како секундарна правна помош. Примарна правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника.
Секундарна правна помош даваат адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања во согласност со одредбите од овој закон.
Средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош во постапките предвидени со овој закон се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон.
Прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец октомври 2019 година
Нов Закон за бесплатна правна помош за еднаков пристап до правдата
Министерството за правда најавува Предлог- закон за бесплатна правна помош
М.В