/ Прочитано:

7.112

Стапуваат во примена законските измени што предвидуваат нов рок за барањата  за легализација на дивоградби

На 1 јануари 2018 година стапија во примена измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кои предвидуваат нов рок за поднесување на  барањата за легализација на дивоградби. Дополнителниот рок за поднесување барање за легализација е до крајот на годинава, а со законските измени се овозможи дополнителен рок и за комплетирање на документацијата, што ќе може да се направи до крајот на јуни годинава.

Услов е на објектот што ќе се легализира заклучно со 3 март 2011 година да се изведени градежните и инсталациските работи во целост и да претставуваат градежна и функционална целина. Овој рок не се однесува на барателите што  доставиле барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект за кои надлежниот орган донел правосилно решение за одбивање на барањето за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект поради неисполнување на условите пропишани во Законот. Барањата се поднесуваат до општините,  каде што се приложува платена сметка за струја или вода, по што процедурата предвидува и доставување геодетски елаборат.

На  почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Во дополнителниот рок, пак, што беше овозможен на почетокот на 2016 година, беа поднесени уште 80.000 барања.

Последните податоци објавени од надлежните институции покажуваат дека досега се легализирани околу 40 проценти од објектите за кои беа поднесени барања, односно 186.000 објекти се стекнале со правен статус и се впишани во катастарот.

„Со овие законски измени им се дава можност на сите лица кои од кои било причини не успеале да достават барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, или пак не успеале да го комплетираат барањето (не доставиле соодветна документација во согласност со Законот), да го направат тоа во пропишаниот рок, под истите услови кои важеле досега. Предлог-законот се заснова на истите начела врз основа на кои е донесен Законот за постапување со бесправно изградени објекти“, се посочува во законското образложение.

Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кои предвидуваат нов рок за барањата – во собраниска процедура

Легализацијата на дивоградбите – нова шанса за граѓаните да го остварат своето уставно право на сопственост

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Нов рок за доставување на барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти

М.В