Стартува примената на дел од измените на Законот за јавни набавки
Петок, 31 август 2012 – На 1 септември 2012 година ќе почнат да се применуваат дел од измените за Законот за јавни набавки предвидени со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр. 185/2011). Со овие измени во Законот за јавни набавки беше додаден нов член 29-а, што предвидува обврска договорниот орган да определи лице или организациски облик во чии рамки ќе се вршат и работи од областа на јавните набавки.
Согласно законските измени, лицето или организацискиот облик ги врши следниве работи:
- ја координира подготовката на планот за јавни набавки,
- ја изготвува одлуката за јавна набавка,
- го објавува огласот за јавна набавка,
- ја советува комисијата при спроведување на постапката за доделување договор за јавна набавка,
- задолжително учествува како член во комисијата за јавна набавка кај постапките за доделување договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 4.000.000 евра за работи,
- ги подготвува потребните акти врз основа на извештајот од спроведена постапка,
- ги ажурира податоците кои согласно со Законот за јавни набавки се доставуваат во ЕСЈН,
- дава насоки и упатства на договорниот орган во врска со постапување во жалбената постапка во соработка со комисијата за јавна набавка и
- врши други работи согласно со Законот за јавни набавки.
>> Консолидираниот текст на Законот за јавни набавки е објавен на akademika.com.mk.