/ Прочитано:

841

Стартуваше курсот на ХЕЛП за заштита на личните податоци и правата на приватност наменет за адвокати

Во врска со претстојното усвојување на Законот за заштита на личните податоци, започна курсот на ХЕЛП за заштита на личните податоци и правата на приватност, наменет за адвокати. Настанот беше организиран од страна на Советот на Европа, во соработка со Адвокатската комора на Република Северна Македонија, членка на мрежата ХЕЛП.

Учесниците на настанот ги поздрави претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Љубомир Михајловски, кој ја пофали соработката со програмата ХЕЛП на Советот на Европа и ја потврди заложбата на Комората за обезбедување континуирано образование на адвокатите, со оглед на нивната улога во заштитата на човековите права.

Програмата ХЕЛП, нејзината методологија и курсевите преку интернет, како и завршените и претстојните активности за адвокати, за судии и за обвинители им беа претставени на учесниците од страна на Секретаријатот ХЕЛП.

Покрај тоа, Маркијан Бем, поранешен адвокат во Европскиот суд за човекови права, на учесниците им обезбеди општ преглед на членот 8 од Европската конвенција за човекови права (Конвенцијата) во врска со заштитата на личните податоци, вклучително и темелна анализа на усогласеноста на операции за обработка на податоци со членот 8 од Конвенцијата.

Националните тутори на ХЕЛП д-р Јелена Ристиќ, адвокат и заменик претседател на АКРСМ, и Александра Стојановска-Тасевска, адвокат, на учесниците им го презентираа правниот развој во областа на заштитата на податоците и правата на приватност на меѓународно и национално ниво.

По настанот за започнување на курсот, учесниците ќе го следат курсот преку интернет во период од 2 месеци.

Курсот  е изготвен во рамки на Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци во 28-те земји членки на ЕУ, позната и како „ХЕЛП во 28-те”. Се работи за програма на Советот на Европа со методологијата на ХЕЛП, финансирана од ЕУ.

M.В