/ Прочитано:

1.572

Статистички податоци на Евростат и ДЗС за туристите и леглата за сместување во Македонија

 

Македонија располага со околу 46.000 легла за сместување туристи, од кои 20.500 се хотелски, покажува најновата анализа на Евростат.

Листата ја предводи  Франција, со 5,1 милион легла, што е 16,4 отсто од вкупниот број во ЕУ, а потоа се: Италија, со 4,9 милиони легла или 15,8 отсто од ЕУ, Велика Британија, со 3,9 милиони легла и Шпанија, со 3,5 милиони легла  или 11,2 отсто од ЕУ.

Од земјите во регионот предничат Грција, со околу 1,2 милиони, Хрватска, со 987.272 легла и Бугарија, со 328.264 легла. Во ЕУ вкупниот бројот на легла за сместување туристи достигнува околу 31,4 милиони.

Инаку, според последните статистички податоци во јуни 2018 година, во однос на јуни 2017 година, забележано е зголемување за 20,7 %, а кај бројот на ноќевања за 23,4 %. Притоа, бројот на домашните туристи во јуни годинава, во однос на јуни лани, е зголемен за 15,9 %, а на странските туристи е зголемен за 22,4 %.

„Според последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика, зголемувањето на бројот на туристи продолжува во континуитет, па наместо до 2020 година, како што прогнозиравме, ние сме на прагот предвреме да ја оствариме зацртаната цел – годинава да оствариме 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања. Изразено во апсолутни бројки, само во јуни 2018 година во земјава престојувале 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања, а заклучно со јуни влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања“, вели  министерот за економија Крешник Бектеши.

Во периодот јануари – јуни 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16,4 %, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 9,3 %, а кај странските зголемување за 19,8 %.

Според министерот за економија, учеството на туризмот во БДП се очекува да биде околу 3 %, со оглед на тоа што проекцијата до 2020 година е тоа да биде 4%, а овој континуиран раст на бројот на туристи автоматски ќе значи и поголем девизен прилив.

М.В