/ Прочитано:

668

Статистичките податоци покажуваат дека најиновативни се компаниите од областа на финансиите и осигурувањето

Во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) се одржа првата инфосесија со Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), на која компаниите од различни сектори се информираа за вториот повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Програмата е дел од Планот за економски раст на Владата, наменет за сите микро, мали и средни претпријатија, а годинава на барање на Сојузот и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, може да аплицираат за средствата.

„Квалитетните предлози кои произлегуваат од ваквите состаноци натаму со заедничка активности се имплементираат во програмите со цел што повеќе компании да може да ги користат предвидените средства. За стопанството свежиот капитал е секогаш неопходен,  особено за малите и средните претпријатија кои тешко доаѓаат до финансии, а ваквата поддршка им е повеќе од неопходна за зголемување на квалитетот на самата работа, растот и развојот. Вложувањето во иновациите е многу важно за домашните компании и за нивната конкурентност. Претпријатијата кои се иновативни имаат 15 проценти побрз раст во продажбата отколку неиновативните, осум отсто побрз пораст на продуктивноста и на конкурентноста, како и  побрз пораст на платите. Дополнително, креирањето на  поволен бизнис-амбиент за развој на компаниите, во функција на зголемување на конкурентноста, инвестициите, извозот и иновациите се услов за долгорочен економски раст, а со тоа и општествен напредок“, истакна Габриела Кулебанова потпретседател на Сојузот и додаде дека само преку  интерактивна дискусија компаниите се информираат од прва рака за сите фази во процесот на апликација, за критериумите, за тоа на што да се фокусираат во изготвувањето на проектот, за негово поднесување и добивање на средствата предвидени за негова реализација.

На инфосесијата Сојузот во соработка со Фондот ги лоцираше дилемите кои ги имаат компаниите во процесот на апликација за изработка на квалитетен план. Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации, информираше дека досега формуларот за апликација го пополниле околу 300 компании.

„Ова е можност за домашните компаниите да добијат поддршка од државата за развој на своите бизниси со цел да станат поконкурентни на домашниот пазар и на странските пазари. Новина е што овој повик, освен за микро, за малите и за средните претпријатија, сега е отворен и за приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес. Остануваме отворени за сугестии и препораки од вас, компаниите. Затоа и ги менуваме и ги прошируваме можностите за да му излеземе во пресрет и на овој сегмент од економијата во кој лежи голем потенцијал за развој на иновации. Глобалните искуства велат дека иновацијата е применлива секаде. Истовремено со воведување на механизмот на ројалти, модел кој е поставен во инструментите што ги финансираме со средства од Светската банка, сакаме да ги поттикнеме компаниите што поуспешно да ги комерцијализираат своите иновации. Нашата визија е ФИТР да стане успешен и современ фонд, кој делумно или целосно ќе се финансира преку поврат на средствата од успешно реализирани проекти“, изјави Деспотовски.

Од анкетите што ги прави Државниот завод за статистика, компаниите кои внеле иновација во своето работење имаат значајни резултати во намалување на трошоците, во зголемување на работењето и на профитот. Статистичките податоци покажуваат дека најиновативни се компаниите од областа на финансиите и осигурувањето, по што следуваат информатичко-комуникациските компании. Иновативноста најмалку е застапена кај транспортните и земјоделските компании.

М.В