/Прочитано:

1.449

Ставовите и предизвиците на младите правници и студентите по право за правничкото образование, приправничкиот стаж и правосудниот испит

Македонското здружение на млади правници го објави Извештајот за ставовите, потребите и предизвиците на младите правници во РМ. Извештајот за ставовите, потребите и предизвиците на младите правници во РМ ги идентификува и анализира проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите по право и дипломираните правници при преземањето на првите чекори во правничката кариера.

Извештајот, велат од Македонското здружение на млади правници, беше изработен врз основа на ставовите и мислењата на студенти по право и млади правници дадени на пет јавни дебати во периодот септември – ноември 2016 година. Повеќе практична едукација и формирање правни клиники на правните факултети, измени на Законот за парничната постапка во однос на стекнување практични вештини на адвокатските приправници и измени на начинот на полагање на правосудниот испит се дел од барањата на студените по право и младите правници, искажани на јавните дебати.

Преголем број универзитети кои нудат правни студии

Во однос на високото образование за правници, кое се остварува на правните факултети во РМ, студентите по право и младите правници нагласуваат дека во земјава постои преголем број универзитети кои нудат правни студии во споредба со другите области и струки.

Постоењето на повеќе државни и приватни правни факултети, се посочува во Извештајот и постоењето на конкурентност не придонесоа за очекуваното подобрување на квалитетот на правното образование во РМ.

„Напротив, правните факултети, со цел да бидат атрактивни за идните студенти, неретко прибегнуваа кон олеснување на критериумите за упис, како и критериумите според кои се оценува знаењето на студентите. Ниту еден од новооснованите универзитети не успеа да се наметне како елитна квалитетна високообразовна установа чии студенти се особено барани на пазарот на трудот за правници. Дисперзираните студии, исто така, не придонесоа за зголемување на квалитетот и достапноста на правното образование поради фактот што професорите и другиот наставен кадар се достапни најчесто само за време на предавањата, што не е доволно за образование и насочување. Големата бројка правни факултети за држава со население колку РМ е неодржлива и нема да влијае позитивно врз квалитетот на образованието“, истакнуваат младите правници.

Зголемена понуда на дипломирани правници без практични вештини и практично искуство

Големиот број државни и приватни правни факултети, се истакнува во Извештајот, резултира со зголемен број отворени места за студирање и зголемен број студенти по право.

„Основањето на повеќе факултети неизбежно резултираше со зголемен број  слободни места за запишување, што пак го зголеми бројот на лица кои се одлучуваат да студираат право, без претходно да се анализира дали на пазарот за правни професионалци има реална потреба од нив. Зголемувањето на бројот на правници без реално зголемување на побарувачката од лица со високо правно образование на пазарот на трудот ќе може да резултира со дисторзии на пазарот на трудот кои ќе вклучуваат: задржување на постојната висока бројка на невработени правници, зголемена понуда на дипломирани правници без практични вештини и практично искуство што ги прави особено тешко вработливи и стагнирање или намалување на примањата на вработените правници“, посочуваат младите правници.

Недоволно е вклучена практичната работа

Почетоците во примената на принципите на Болоњскиот процес беа негативни, меѓутоа со тек на време одредени правни факултети воспоставија сосема  солидни наставни програми и објективни методи за проверка на знаењето на студентите.

Во наставните програми на правните факултети во РМ, државни и приватни, недоволно се вклучени практичната работа и изучувањето на практичните правни вештини кои се особено потребни при практикувањето на правото како професија.

„Во постојните програми, фокусот е, пред сѐ, на правната теорија и на важечкото законодавство со мошне мал дел, кој се однесува на практичното оспособување. За пофалба е што кај дел од факултетите постојат напори и за внесување на практични елементи (симулации на судења, изучувања на конкретни судски предмети). Во суштина, недостасуваат предмети и содржини во наставните програми  како што се правно пишување, правно говорење, правна логика и аргументација, истражување на прописи, градење случаи, комуникација со странки, правна етика итн. Во рамки на програмата мора посебен фокус да се даде на овие практични правни вештини“, истакнуваат младите правници.

„Студирањето по стара програма бараше повеќе труд“

Кај постарите правници, посочуваат студентите по право и младите правници, постои перцепција и општоприфатено мислење дека студирањето право претходно, според т.н. „стара програма“, изискувало вложување на многу поголем труд од страна на тогашните студенти во споредба со студирањето денес.

„Оваа перцепција ја споделуваат и дел од младите правници и сегашни студенти по право. Како еден од критериумите поради кои постои ова гледиште се наведува времетраењето потребно за подготовка на студентот за полагање на одредени предмети (пр. Казнено право, Граѓанско процесно право, Филозофија на право и сл.). Според нив, ако за овие предмети претходно биле потребни и по неколку месеци подготовка, денес тие се полагаат со далеку помалку“, велат младите правници и студентите по право, додавајќи и дека проблем е што практикувањето право во РМ е поврзано со поседување на диплома за завршен втор циклус на студии (т.н. мастер студии).

Да се основаат правни клиники и кариерни центри

На јавните дебати студентите по право ја истакнаа и потребата од основање на правни клиники и кариерни центри на сите правни факултети. Постои, се вели во Извештајот на младите правници, правна нееднаквост и несигурност како за правниците што имаат дипломирано според т.н. „стара програма“, така и за оние што имаат дипломирано во согласност со ЕКТС-системот.

„Потребно е да се поттикне основањето правни клиники во рамки на правните факултети во РМ, каде што студентите под менторство на адвокат и професор ќе можат практично да го осознаат правото и да навлезат во спецификите на правничките професии. Работата на правните клиники може да се однесува на најразлични правни прашања од правна помош за сиромашни лица во областа на социјалната заштита до заштита од дискриминација“, потенцираат студентите по право и младите правници.

Тешко се доаѓа до отворени приправнички места

Во однос на вршењето на задолжителниот приправнички стаж потребен за полагање на правосудниот испит, во Извештајот се истакнува дека помеѓу дипломираните правници постои перцепција дека тешко се доаѓа до отворени приправнички места каде што се стекнува потребното приправничко знаење.

Адвокатските приправници ја изгубија можноста да се стекнат со потребните практични вештини

„Адвокатските приправници со укинувањето на можноста да се јават како полномошници на рочиште пред основните судови ја изгубија можноста да се стекнат со потребните практични вештини за самостојно вршење на адвокатската професија“, велат младите правници и студентите по право кои ја нагласуваат потребата од измени на Законот за парничната постапка.

Oколноста дали ангажманот на приправниците ќе биде платен или не за младите правници е важен, но не и пресуден при носењето одлука каде ќе го вршат. Помеѓу дипломираните правници, се вели во Извештајот, постои перцепција дека тешко се доаѓа до отворени приправнички места каде што се стекнува потребното приправничко знаење.

Стекнувањето работно искуство на правни работи во рамките на судовите е недоволно

Исто така, стекнувањето работно искуство на правни работи во рамките на судовите е недоволно и непрецизно уредено. Во законите и прописите кои го уредуваат работењето на судовите многу штуро е уредено извршувањето на практиката и приправничкиот стаж.

Притоа, велат младите правници, не е уреден начинот на спроведување на практиката (дали практиката ќе се остварува во еден судски оддел или во повеќе, дали има обврска за програма за волонтирање и сл.), не е уреден начинот на кој ќе се примаат правници на практика (со јавен повик или преку поединечно поднесено барање/молба), отсуствуваат одредби за начинот на вршење надзор над приправниците или за одговорно лице во судот што ќе му помага, а нема ни обврска за начинот на водење на евиденцијата на приправниците.

„Ова, пак, од друга страна, може да доведе до невоедначеност во практиката кај различни судови, како и до отежнат пристап до практиката за дипломираните правници. Според младите правници, малите судови, кои не се оптоварени со работа како поголемите, се подобри за стажирање поради поголемо време кое се поминува со судиите“, се истакнува во Извештајот, во кој се анализираат ставовите, потребите и предизвиците на младите правници во РМ.

Правосудниот испит не овозможува проверка на практичните вештини на правниците

Во однос на новиот начин на полагање на правосудниот испит воспоставен со Законот за правосуден испит од 2013, во Извештајот се вели дека правосудниот испит не овозможува проверка на практичните вештини на правниците, кои пак се потребни за самостојна примена на прописите во практиката.

Исклучивата примена на методот со избор на еден од повеќе можни одговори е недоволна и неподобна за објективна оцена на знаењето и вештините на дипломираните правници, додека, пак, јавно достапната база на 2 000 прашања и 500 студии на случај врз основа на кои се спроведува испитот ги пренасочува кандидатите од проучување закони и литература кон меморизирање на веќе одговорени прашања.

Целта на правосудниот испит, нагласуваат младите правници, е проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на прописите. Според тоа, испитот треба да биде дизајниран на начин што ќе може да провери дали дипломираниот правник располага со знаења и вештини за самостојно да ги извршува правничките професии за кои како услов е определен правосудниот испит.

Правосудниот испит денес е речиси невозможно да не биде положен

„Со новиот Закон за правосуден испит, поточно со укинувањето на писмениот и усниот дел од испитот, овие клучни вештини не можат да се проверат, со што се доведува во прашање стручната оспособеност на правниците што ќе го положат правосудниот испит. Новиот начин на спроведување на испитот со теоретски дел и студија на случај со прашања на заокружување е ефикасен за проверка на познавањето на правото и донекаде за правното расудување, меѓутоа во никој случај не е доволен за да се провери дали лицето располага со знаења и вештини потребни за примена на правото во практиката“, посочуваат младите правници и студенти по право, додавајќи дека денес правосудниот испит е речиси невозможно да не биде положен.

M.В