/ Прочитано:

10.382

Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај

Доверителите правни лица кои имаат побарување по основ на депозит немаат обврска да го пријават во стечајната постапка кај стечајниот управник. Овие побарувања стечајниот управник е должен самиот да ги внесе во шемата за утврдени и оспорени побарувања, врз основа на преземената документација од банката. Останатите побарувањата правните лица ги пријавуваат кај стечајниот управник, вели во интервјуто за Академик, Дејан Костовски, експерт за стечај.

Деновиве е актуелна најавата за започнување на стечајна постапка на Еуростандард банка. Од аспект на законската поставеност на стечајната постапка, дали постои разлика помеѓу стечајот на банка и другите правно-деловни субјекти?

Ако подобро се анализира правната положба на банката во правниот систем, може да се заклучи дека има огромни разлики, не само при отворањето и спроведувањето на стечајната постапка, туку и при основањето и корпоративното управување со банката и другите правни субјекти. Тоа е разбирливо, пред сѐ, од аспект на важноста на финансиските активности кои ги врши банката како правен субјект. Тука би спомнале дека банката секогаш се основа во форма на акционерско друштво, не може да отпочне со работа ако лицата кои имаат намера да основаат банка не добијат дозвола од гувернерот на Народната банка. За да добијат дозвола за работа од гувернерот, треба да бидат исполнети одредени услови кои се поврзани со висината на капиталот кој мора да биде уплатен, како и со изворите на средствата кои се уплаќаат како почетен капитал. Инаку, најмалиот износ на почетниот капитал изнесува 310.000.000 денари, и мора да биде уплатен во паричен износ. Во првата фаза на основање на банката гувернерот носи привремена дозвола, за подоцна да се донесе и дозвола за основање и работење на банката. Секоја статусна промена ја одобрува гувернерот на Народната банка. Воопшто, Народната банка дава согласност за измени и дополнување на статутот, за вршење за финансиските активности, за именување на членовите на управниот и надзорниот одбор и за други дејствија кои ги презема банката, а кои таксативно се наброени во Законот за банки. Под контрола на Народната банка се и промените во акционерската структура на банката. Народната банка врши и контрола над работењето на банката преку извештаи за работењето, анализи за извршената ревизија од страна на друштво за ревизија, на работењето на банката. На крајот, би спомнале дека Народната банка врши и супервизорска функција на работењето на банката, при што ја оценува стабилноста, сигурноста и ризичноста на банката. Од ова кратка анализа на законските одредби може да се заклучи дека банката како правно лице, од првиот ден на добивањето на привремената дозвола и во текот на своето работење, е строго контролирано правно лице, што не може да се каже за другите правни субјекти кои вршат други трговски дејности, освен за другите видови прави лица кои вршат дејности поврзани со осигурувањето.

Поради посебниот предмет на работа и начинот на контрола врз нејзиното работење, а и поради можноста пропаѓањето на банката да доведе до несакани последици во стабилноста на банкарската индустрија, а и пошироко –  домино-ефект кај правните лица клиенти на банката, нормирана е т.н. посебна стечајна постапка со посебни карактеристики само за банките. Генерално, се работи за нормирање на посебни одредби со кои се исклучува примената или се менува примената на одредбите предвидени во Законот за стечај, кој преставува општа законска рамка.

Разликите во стечајните постапки се суштински, и тоа во повеќе сегменти:

– Отворањето на стечајната постапка на банките. Тука само би спомнале дека судот е врзан за конечното решение донесено во управна постапка од страна на гувернерот на Народната банка за одземање на дозволата за работа и утврдување на услови за воведување на стечајната постапка. Не постои законски основ судот самиот да отвори стечајна постапка над банка, без претходно гувернерот да одлучи за одземање на дозволата за работа и за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка. Испитувањето на инсолвентноста на банката го врши гувернерот на Народната банка;

– Втората голема разлика се однесува на квалификациите кои треба да ги има стечајниот управник за да може биде именуван. Во Законот за банки е нормирано дека за стечаен управник на банка може да биде именувано лице кое ги исполнува условите од Законот за стечај, значи да има лиценца за вршење на работите стечаен управник и да ги исполнува условите за член на управен одбор на банка, а тоа значи дека треба да поседува соодветно високо образование и познавање на прописите од областа на банкарството или финансиите, да ги познава правилата за доброто корпоративно управување и да има шест години успешно работно искуство од областа на финансиите или банкарството или три години работно искуство како лице со посебни права и одговорности во банка, со активности соодветни на банката во која се именува. Во согласност со законските прописи, првиот стечаен управник го именува судот, од редот на стечајните управници кои ги исполнуваат наведените услови, а доколку истиот во текот на стечајната постапка е разрешен, за именувањето на новиот стечаен управник потребно е мислење на гувернерот на Народната банка;

– Трето е должноста на стечајниот управник записнички да ја утврди состојбата на побарувања и обврски на банката во стечај во рок од 10 дена по објавувањето на огласот. Овие записници се доставуваат до Народната банка, која пак во рок од 10 дена по нивниот прием ги проверува и ги доставува до судот и до Фондот за осигурување на депозити;

– Банката како правен субјект не може да се реорганизира во стечајна постапка и да продолжи да постои, ниту пак некој да ја преземе по отворањето на стечајната постапка. Со одземањето на дозволата за работа и со отворањето на стечајната постапка за овие правни субјекти е предвидена само ликвидација, односно впаричување на имотот и наплата на пласманите пари како кредити, како побарувања спрема трети лица и намирување на побарувањата на доверителите кои имаат депозити во банката, како и побарувања од друг однос;

– Специфичната улога на Фондот за осигурување на депозити, кој е должен да ги исплати депозитите до 30.000 евра за по исплата да се појави како обезбеден доверител кој има приоритет пред другите доверители за исплатената сума по овој основ и

– На крајот, рокот на пријавување на побарувањата на доверителите изнесува 20 дена и овој рок не се однесува на депозитите на физички и правни лица кои се сметаат за пријавени.

Во таа смисла, како започнува стечајната постапка, како се одвива и според праксата колкав период е потребен за нејзино финализирање?

Значи, како што спомнавме, ако утврдил гувернерот дека, во согласност со Законот за банки, се исполнети условите за одземање на дозволата за работа и дека настапила инсолвентност, во тој случај надлежниот суд нема законски можности да спроведува претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајната постапка, туку во рок од три дена носи решение за отворање на стечајната постапка. Како спорен момент е можноста банката да поведе тужба за управен спор против конечното решение за воведување на стечајна постапка пред Управниот суд и евентуално влијание на позитивната одлука на Управниот суд на отворената стечајна постапка и одлуката за отворање на стечајна постапка. Тука само би напоменал дека во стечајна постапка не се дозволени вонредни правни лекови. За жал, Уставниот суд со одредени одлуки создаде уште поголема конфузија укинувајќи ги одредбите од Законот за банки кои ја решаваат оваа ситуација, не водејќи сметка за посебниот карактер на банките како правен субјект и можните проблеми кои можат да настанат.

По отворањето на стечајната постапка, стечајниот управник ги презема сите дејствија кои се предвидени во Законот за стечај, а кои се однесуваат на сите правни субјекти. Самиот факт што законодавецот им овозможи на доверителите, правни и физички лица кои имаат побарувања кои се однесуваат за депозитите, да се сметаат за пријавени, значи уште поголема  негова одговорност да ја утврди вистинската слика на страна на обврските на банката. Стечајниот управник во многу краток рок од 10 дена, без да ја има вистинската слика за пријавените побарувања, треба записнички да ја утврди состојбата на побарувања и обврски на банката. Стечајниот управник е должен по завршување на рокот за пријавување на побарување да состави шема за утврдени и оспорени побарувања на доверителите. Исто така, стечајниот управник треба да состави и извештај за економско-финансиската состојба на банката. Очигледно е дека е потребен друг пристап во случај на отворена стечајна постапка над банка бидејќи доверителите не можат да одлучат за продолжување на деловната активност на банката и нејзино реорганизирање, па оттаму треба да се предвидат посебни одредби за одржување на прво извештајно собрание. Вредноста на имотот на банката се утврдува во стечајната постапка. Во стечајна постапка над банка се основа и одбор на доверители.

По правило, преземањето на сите овие дејствија би требало да се одвива брзо, меѓутоа досегашната судска практика укажува дека проблемите настануваат при продажба на имотот на банката и при наплата на побарувањата кои ги има банката спрема трети лица. Тука е важно да се спомене дека со денот на отворање на стечајна постапка овие побарувања не стасуваат за наплата. Таквото толкување би создало уште поголем проблем за правните и физичките лица кои подигнале кредити и кои сѐ уште не стасале за наплата. Токму поради наплата на овие побарувања, стечајната постапка трае долго бидејќи тие парични средства влегуваат во стечајната маса од која се намируваат доверителите. Посебен проблем претставуваа лошите пласмани и кредитите кои не можат да се наплатат.

За разлика од овие побарувања стасуваат за наплата сите побарувања кои доверителите ги имаат спрема банката заради самиот карактер на колективното намирување на побарувањата и нивното доведување во ист ред за наплата.

Голем број физички лица се клиенти на Еуростандард банка. Како можат да си ги повратат финансиските средства овие лица?

Во нашиот правен систем постои Фонд за осигурување на депозити, кој, по правило, кога ќе настане ваква ризична ситуација – одземање на дозвола за работа на банка, е должен да изврши исплата на осигурените депозити. Осигурување на депозитите е обврска на сите банки и штедилници во нашата држава. Под депозити се подразбираат: денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Предмет на исплата се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигната камата во денарска противвредност на 30.000 евра во денарска противвредност, според средниот курс на НБРМ на 12 август 2020 година. За овие физички лица како доверители во стечајната постапка исплатеното побарување во оваа висина престанува и на нивно место како доверител за целокупниот износ кој го исплатил доаѓа Фондот како приоритетен доверител. Со еден збор, состојбата за физичките лица кои имаат побарување во висина на депозит до осигурената сума е на сигурно, освен ако не спаѓаат во депозити кои Фондот не ги обесштетува или имаат обврска спрема банката. Тука спаѓаат депозити на кои банката им дала привилегирани каматни услови, различни од оние кои ги објавила банката, депозитите на сопственици на банката кои имаат над 5 % од акциите со право на глас и нивните роднини од прв степен, депозити на органите на управување на банката и нивните роднини од прв степен и трансакции поврзани со перење пари. Во случај ако имаат обврска спрема банката, вкупниот износ на депозит се намалува за висината на обврската спрема банката. Ваквото законско нормирање за пребивање на обврската која ја има доверителот со неговото побарување е многу проблематична од аспект на одредбите на Законот за стечај. Всушност, со денот на отворање на стечајната постапка сите обврски кои ги имаат депонентите треба да ги опфатат во стечајната маса, а не да дојде до неконтролирано пребивање. На овој начин се оштетуваат доверителите кои имаат побарување кое не е осигурено и чекаат намирување. Ако имаат депозит поголем од 30.000 евра, во тој случај остануваат доверители со утврдено побарување и остатокот на своето побарување може да го наплатат по впаричување на стечајната маса.

И голем број правни лица се клиенти на Еуростандард банка. Како, пак, овие лица можат да си ги повратат финансиските средства и каква е постапката во овој дел?

Доверителите правни лица кои имаат побарување по основ на депозит немаат обврска да го пријават во стечајната постапка кај стечајниот управник. Овие побарувања стечајниот управник е должен самиот да ги внесе во шемата за утврдени и оспорени побарувања, врз основа на преземената документација од банката. Останатите побарувањата правните лица ги пријавуваат кај стечајниот управник. За висината на утврдените побарувања доверителите се стекнуваат со право на глас на собранијата на доверители и со право на намирување на побарувањето.

Според Законот за банки, приоритетни се трошоците на стечајната постапка во кои влегуваат трошоци на банката која ги презема работите со влоговите во банката во стечај. Приоритетен доверител е Фондот за осигурување на депозити по основ на исплатени осигурени депозити. Тоа значи дека дури по целосна исплата на побарувањето на Фондот, може да се пристапи кон исплата на останатите  доверители правни и физички лица кои се ист исплатен ред.

Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка

Антикорупциската комисија ќе го испитува случајот со министерката за финансии

Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

М.В