Платена практична работа за правниците во Македонија
Стекнувањето знаење – приоритет за младите правници, но не е лошо да добијат и пари за сработеното
„Пет до шест години студирање и уште една година пракса мислам дека е голем трошок за нашите родителите за ние, на 24 години, како магистри да не добиваме никаков паричен надоместок. Сметам дека во висина од минимум 50 % од просечната плата треба да биде платена нашата практична работа за да знаеме дека трудот ни се вреднува и за да научиме што значи да извршуваме работен ангажман“, вели практикантката Ѓелевска.
Практикантската работа на студентите по право, или на дипломираните и магистрирани кадри, е корисна, пред сè, за стекнување знаење и вештини за понатамошната кариера, но може да послужи и како можност за конкурентност на пазарот по завршување на формалното образование.
Дипломираните правници кои, според Болоњскиот систем на студирање (ЕКТС), треба да остварат 300 кредити и да се стекнат со диплома „магистер по право” и кои имаат желба да полагаат правосуден испит, мора да го исполнат условот пропишан со Законот за правосудниот испит, според кој треба да работат 1 година во адвокатска, во нотарска или во извршителска канцеларија или 2 години во судовите, во обвинителствата и на правни работи во приватниот сектор.
Според професорот на Правниот факултет Димитар Гелев кај сите слободни професии, по завршувањето на факултетот и пред полагањето испит (во случајов правосуден), е предвидена пракса, која треба да биде платена, смета Гелев.
Четворица магистранти на правниот факултет „Јустинијан Први“, кои сакаат да го полагаат правосудниот испит, практичното знаење се одлучиле да го стекнат во Основниот суд Скопје 1. Речиси за сите е приоритет можноста да го применат во пракса она што го научиле на факултет, но и стекнувањето на работно искуство. Сепак, поради долгогодишното образование и дополнителната пракса од една година, дел од нив сметаат дека би било добредојдено доколку им биде платена практичната работа.
Марија Ѓелевска, која магистрирала на Правниот факултет во Скопје, вели дека очекува многу да научи за судските постапки – од нивниот прием до правосилноста на пресудата. Сепак, покрај знаењето, таа смета дека тие треба да добиваат и паричен надоместок за практикантската работа.
„Пет до шест години студирање и уште една година пракса, мислам дека е голем трошок за нашите родителите за ние на 24 години како магистри да не добиваме никаков паричен надоместок. Сметам дека во висина од минимум 50 % од просечната плата треба да биде платена нашата практична работа за да знаеме дека трудот ни се вреднува и за да научиме што значи да извршуваме работен ангажман“, вели Ѓелевска.
За Андријана Димовска најважно е знаењето што го има стекнато на Правниот факултет да го надополни и да се подготви за понатамошниот развој на кариерата.
„За мене не е потребен дополнителен мотив, како што е платена практична работа, бидејќи јас секако сум решена да го положам правосудниот испит и да влезам во работата подготвена. Би било добро доколку добиваме надоместок за трошоците за храна и превоз“, вели Димовска.
Во однос на стажирањето во судот, подобро е да не биде платено, смета Магдалена Чакарова, според која секое плаќање на нивниот ангажман може да биде искористен и како изговор за нивна експлоатација.
„Подобро е да знам дека пет часа, колку што ќе поминам во судот, ќе ми бидат продуктивно искористени бидејќи се ни е достапно, јавни се судењата, имаме увид во работата на судиите. Од искуството на мои колеги, пак, кои одат на пракса во адвокатски канцеларии за мал надоместок тие остануваат цело работно време и имаат постојано работа“, вели Чакарова.
За Антонио Трајкоски, магистрант на Правниот факултет при ФОН Универзитетот, за правникот е најважно знаењето. Добар правник, вели Трајкоски, треба да поседува многу знаење, секојдневно да чита и да ги следи сите настани во општеството.
„Секако дека финансискиот фактор игра улога, но мојата најголема мотивација е знаењето и придонесот кој можам да го дадам додека сум практикант во судот, но и да го искористам во мојата понатамошна кариера“, вели Трајкоски.
Адвокатот Панче Тошковски, кој има своја адвокатска канцеларија, вели дека работи самостојно и нема практиканти кои посетуваат пракса кај него. Додека тој бил практикант во суд не добивал никаков надоместок за неговата практична работа, но стекнувањето на искуството во тоа време му било многу поважно од парите.
„Сепак, сега сметам дека секој труд би требало да биде платен. Многу често се случува практикантите да завршуваат поголем дел од задачите што секојдневно им се даваат додека одат на пракса во судовите, во обвинителствата или во адвокатските канцеларии. Праксата е нужна поради тоа што без професионална надградба вие сте неконкурентен на пазарот на трудот, но посветеноста за учење не смее да се злоупотреби“, вели Тошковски.
И адвокатот Даниел Коцев смета дека дипломираните правници треба да бидат платени за својата работа како практиканти.
„Но, реално, никој не го прави тоа, ниту, пак, ги пријавува како вработени подоцна во нивната кариера“, вели Коцев.
Во САД е отворена дебата за плаќање на праксата на студентите по право. Адвокатската комора на САД размислува за тргање на забраната за платена пракса на студентите по право. Доколку биде донесена таква одлука би дошло до промена на Законот најдоцна до крајот на оваа година.
Дали треба да биде платена задолжителната практична работа?