/ Прочитано:

1.900

„Стоп за насилството врз жените во земјите од Западен Балкан и Турција“ – проект за унапредување на родовата еднаквост

Со цел да се измени постојаната законска регулатива која треба да биде во согласност со меѓународните стандарди, конвенциите на ОН, директивите и Истанбулската конвенција, ќе се работи со жените и со Парламентот и тоа пред сѐ на подобрување на ефективноста на активностите, за да се адресира родовиот стереотип. Целта на проектот е да се надмине рамката на домашното насилство и сите други форми на дискриминација врз жените и да се посвети внимание на причинителите, вклучувајќи ги општествените норми, стереотипите и традиционалните причини кои доведуваат до насилство врз жените.

„Стоп за насилството врз жените во земјите од Западен Балкан и Турција: Имплементација на норми, промена на мислењата“, ова беше тема на денешната работилница, организирана во рамки на националната компонента на програмата на Европската Унија и ОН за жени, а финансирана од ЕУ. 

Раководителот на секторот за соработка при делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, истакна дека најбрутална форма на дискриминација и кршење на основните човекови права е насилството базирано на родова основа, кое неминовно е последица на родова нееднаквост, а потекнува и од нееднаквите односи на силите меѓу луѓето.

„За жал, овој феномен во најголем број случаи останува непријавен, поради што Европската Унија ги прифаќа референците за новата стратегија за недискриминација според Истанбулската конвенција. Постојат само четири шелтер-центри во државата. Механизмот за правна заштита од дискриминација мора да функционира на многу подобар начин. Ниту Народниот правобранител, ниту пак другите тела не водат соодветни записи за поплаки врз основа на родова дискриминација. Единицата за родова рамноправност при Министерството за труд и социјална политика и натаму нема доволно средства и има ограничени капацитети за да го спроведат новиот закон за родова рамноправност и родова недискриминација“, истакна Бертолини, нагласувајќи дека Европската Унија ќе продолжи да работи со Владата на усвојување на законот за спречување на насилство врз жените.

Тој рече дека со реализација на овој проект ќе се зајакне гласот на жените, ќе се изградат капацитетите на организациите од граѓанското општество кои се активни во борбата за правата на жените.

„Со цел да се измени постојаната законска регулатива која треба да биде во согласност со меѓународните стандарди, конвенциите на ОН, директивите и Истанбулската конвенција, ќе се работи со жените и со Парламентот и тоа пред сѐ на подобрување на ефективноста на активностите, за да се адресира родовиот стереотип. Во таа насока, ќе се даде техничка помош на Владата и организациите од граѓанското општество за да се адресираат јазот и обезбедувањето услуги и да се подобри нивниот квалитет како одговор на насилството врз жените“, потенцираше Бертолини. 

Според Лујза Винтон, постојаниот координатор на ОН, целта е да се надмине рамката на домашното насилство и сите други форми на дискриминација врз жените и да се посвети внимание на причинителите, вклучувајќи ги општествените норми, стереотипите и традиционалните причини кои доведуваат до насилство врз жените.

„Глобалната клима треба да се смени, да почнеме со промени и почитување. Женските права се и човекови права. Невладините организации имаат суштинска одлука заедно со Владата, Парламентот и со приватниот сектор. Невладините организации се пионери во подигнување на родовата еднаквост и се борат не само во финансиска смисла, туку и во секој друг поглед“, рече таа.

Преземањето бројни активности во насока на подобрување на пристапот кон родовата еднаквост, пред сѐ, превенирање на дискриминацијата, како и превенирање и елиминирање на стереотипите, како што истакна Елена Грозданова, државен советник за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика, се дефинирани како стратешка цел во Националната стратегија за родова еднаквост 2013-2020 која ја усвои Собранието на Република Македонија.

„Во оваа стратегија, за првпат е дадена дефиниција за родово базирано насилство која, за жал, ја нема во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Оваа регионална програма ја гледам како предизвик да се детектираат и да се спроведуваат мерки и активности кои ќе бидат во согласност со националните политики“, потенцираше Грозданова.

А. Б.