Стопанската комора ги оспори законските измени во врска со работата во недела
Во периодот од 10-ти до 14-ти јануари до Уставниот суд беа поднесени три иницијативи, по кои се оформени следните предмети:
У.бр.2/2022
Подносител: Иван Лотески од Охрид
Подносителот ги оспорува член 3 став 1 алинеја 3 , член 4 став 1 и 2, член 12 став 3, член 13 став 1, член 16 став 5, член 39 став 1 алинеја 4 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер објавен во „Службен весник на РСМ” бр.101/2019. Се оспоруваат одредби коишто се однесуваат на барател/и на информација,постапката за остварување на правото за слободен пристап до информации,содржината на барањето и дел од прекршочните одредби. Оспорените законски одредби според подносителот биле спротивни на темелните вредности на Уставот, начелото на еднаквост(член 9), гаранција на слободата и тајноста на писмата(член 17), гаранција и заштита на приватноста, личен и семеен живот, достоинство и углед(член 25),начело на уставност и законитост(член 51).
У.бр.3/2022
Подносител: Стопанска комора на Северна Македонија
Подносителот ги оспорува членовите 4,5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија објавен во „Службен весник на РСМ” 295/21. Се оспоруваат одредби кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото(член 8 алинеја 7), владеењето на правото(член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост(член 9) од Уставот.
У.бр.4/2022
Подносител: Стопанска комора на Северна Македонија
Подносителот го оспорува Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи објавен во „Службен весник на РСМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.
М.В